Мојсова до семејството на донорот: Срцето на нивната драга чука и во суштина сѐ уште живее

Националниот координатор за трансплатација Маја Мојсова, порача дека трансплантацијата на срце немало да биде успешно без семејството што го донираше органот.

– Ова немаше да биде успешно доколку не постоеше семејството што со голема емоција ги даруваше органите. Сметам дека ова може само да ни даде уште поголема вера и надеж дека семејствата што ќе се соочат со загуба на близок ќе се одлучат за донирање на органите и сепак голем број пациенти ќе имаат шанса да продолжат со лекување со нов орган. Сакам да изразим сочувство на семејството и да кажам дека срцето на нивната драга чука и во суштина се уште живее – изјави Мојсова.

Со самото ова што се случи ноќеска, рече Мојсова, јавноста толку го прифати тоа и веќе почнавме да разговараме за органодарителство и што значи тоа.

– Нашиот закон е јасен. Сите сме донори доколку не се изјасниме во текот на животот дека не сме и тоа на писмено кај нотар. Но, во суштина сепак семејството го дава последниот збор и затоа многу во суштина треба да вложиме и во едукација, не само на медицинскиот кадар, туку и на граѓанството и општеството што значи органодарителство после смртта. Не значи дека секој од нас ќе биде дарител, но доколку нешто ни се случи и притоа завршиме како мозочна смрт и граѓаните да знаат за што ни се работи – изјави Мојсова.

Таа нагласи дека нема подобра кампања од ова, кога лично и семејствата на тие што примаат и на тие што донираат би ја раскажале својата приказна.

– Верувајте многу е тешко кога сте тажни да донесете рационална одлука и да бидете во тој момент хумани човекољубието да биде над вашите внатрешни и најдлабоки емоции. Затоа сметам дека семејствата се најголемите херои – истакна Мојсова.