Мобилните телефони ја откриле локацијата на руските војници во Макеевка

Главната причина за загинувањето на повеќето десетици руски војници во Макеевка во Доњецката област, што предизвика остри реакции во Русија и барање одговорност од командантите, била користењето на мобилните телефони кои биле лоцирани од украинската војска, соопшти ноќта кон средата генерал-полковникот Сергеј Севрјуков, прв заменик на началникот на Главната воено-политичка управа на руската војска.

На први јануари во 00,01 часот по московско време украинската војска истрела шест проектили HIMARS врз привремена позиција на една од руските единици во областа на Макеевка, две рекети беа пресретнати од противвоздушната одбран. Четири проектили со восокоексплозивни боеви глави ја погодија зградат во којашто беа стационирани руските војници.

Генералот Севрјуков претходно во вторникот потврди дека во овој напад загинале 89 руски војници, додека украинската војска тврдеше дека станува збор за над 400 убиени. Руското Министерство за одбрана ги демантираше тврдењата од Киев, велејќи дека таквите бројки се претерани и оти самиот објект не можел да прими толку војници.

„Во моментов работи комисија на истрагата за околностите на инцидентот. Но уште сега е очигледно дека причините за ова што се случило е вклучувањето и масовното употребување на мобилните телефони, иако тоа е забрането за воениот персонал особено во досегот на непријателските вооружени системи“, рече Севрјуков.

Додаде дека овој фактор му овозможил на непријателот да ги лоцира и одреди координатите на локацијата на војниците за ракетниот напад.

„Се преземаат неопходните мерки за да се спречат слични трагични инциденти во иднина. Врз основа на резултатите од истрагата, одговорните лица ќе бидат повикани на одговорност“, изјави Севрјуков.

Градот Макеевка е всушност предградие на Доњецк, ја украинскиот југоисток каде што доминантното руско и рускојазично население се отцепи по превратот на власта во Киев во 2014 година и укинувањето на правата на руското население, вклучително и употребата на рускиот јазик и следењето на руската култура и медиуми. Војниците привремено биле сместени на поранешно стручно училиште во Макеевка.

Но руските националисти и некои пратеници ги обвинија руските команданти за игнорирање на опасноста и бараат да бидат жестоко казнети, за еден од најсмртоносните денови за руските единици по почетокот на инвазијата во Украина.

„Она што се случи во Макеевка е ужасно. Кој се сетил да смести персонал во голем број во една зграда, каде што и будалата сфаќа дека, дури и доколку гаѓаат со артилерија, ќе има многу ранети или мртви? На командантите им е баш сеедно“, напиша воениот блогер под псевдоним Архангел Спецнац Z, очигледно поранешен припадник на специјалните сили, чиј профил на Telegram го следат над 700.000 луѓе.

Григориј Карасин, член на рускиот Сенат и поранешен заменик министер за надворешни работи, побара одмазда против Украина и нејзините сојузници, како и „прецизна интерна анализа“.

Во својот извештај за операциите на боиштето во изминатото деноноќие, руското Министерство за одбрана во вторникот објави во редовниот брифинг дека во нападите на руските единици на разни делови од фронтот биле убиени околу 280 украински борци, од кои околу 130 се странски платеници.

Исто така, се тврди дека руските сили за возврат извршиле воздушни напади врз концентрација на воена опрема во близина на железничката станица Дружкивка во Доњецк, убивајќи до 200 украински воен персонал и уништувајќи четири ракетни лансери HIMARS од американско производсвтво и повеќе од 800 ракети.

Сергеј Мировно, пратеник и поранешен претседател на Сенатот, горниот дом на руската Дума, односно парламентот, повика кривично да одговараат одговорните кои „дозволиле концентрација на воен персонал во незаштитен објект“, како и за „сите од повисоките нивоа на власта кои не обезбедиле соодветно ниво на безбедност“.