Модриќ го продолжи договорот со Реал на една година

Флорентино Перез има политика на повозрасните фудбалери да им нуди едногодишни договори, Серхио Рамос минатата година сакаше да биде исклучок, бараше двегодишен договор, па откако не му беше исполнета желбата, дефанзивецот го напушти Реал Мадрид и се пресели во ПСЖ.

Но Лука Модриќ не е како Шпанецот, фудбалерот од средниот ред нема ништо против да стави потпис на едногодишен договор, па попладнево пристигна информација дека тој останува во Реал Мадрид и следната сезона.

„Реал Мадрид и Лука Модриќ постигнаа согласност за продолжување на договорот до 30. јуни 2023 година“ – гласеше краткото известување на „кралевите“.

Хрватот пристигна на „Сантијаго Бернабеу“ во 2012, па следната сезона ќе биде негова единаесета во белиот дрес.