Могерини: Глобалниот компакт на ОН не е правно обврзувачки документ

Глобалниот компакт не правно обврзувачки документ, веќе ја дава рамката за националните мигрантски политики, истакна во четвртокот високата претставничка на Европската унија за надворешна и безбедносна политика, Федерика Могерини, на пленарната седница на Европскиот парламент во четвртокот.

Глобалниот компакт за безбедни, уредени и законски миграции на Обединетите нации, или ткн Маракешки договор, започна со усвојување на Њујоршката декларација за бегалците и имигрантите во 2016 година, го одобрија во јули годинава сите 193 членки на светската организација, освен САД кои се повлекоа уште минатата година. Тој треба да биде ратификуван на конференцијата во мароканскиот град Маракеш на 10=ти и 11-ти декември. Договорот е осмислен по најголемиот прилив на имигранти во Европа од Азија и од Африка по Втората светска војна, кои бегаат од сиромаштијата и воените судири.

Договорот на ОН за миграциите се смета за контроверзен во многу западни земји, а компактот досега го отфрлија Словачка, Полска, Австрија, Чешка, Унгарија, Бугарија, Естонија, Австралија, Израел и САД.

Критичарите на Маракешкиот договор тврдат дека оваа необврзувачка спогодба ја прогласува економската имиграција за човеково право и оти со него се предава суверенитетот на државите, додека поборниците тврдат дека тој ќе го поправи меѓународното управување со мигрантските бранови и ќе ја зајакне заштитата на човековите права.

„Постојат некои погрешни сфаќања во расправата за Глобалниот компакт. Сакам да нагласам едно погрешно сфаќање кое за мене е очигледно, но можеби мораме да го повториме земајќи ги предвид расправите во државите кои се во тек: документот не е правно обврзувачка рамка,, Мислам дека националните парламенти посебно, но и Европскиот парламент мара да потврдат дека, од почетокот, тоа не е правно обврзувачка рамка. Договорот нема да создаде правни обврски за државите. Тоа е избор на политиките, на најдобрите практики, од кои државите може да ги преземат заклучоците и да ги имплементираат во своите национални миграциски политики“, порача шефицата на европската дипломатија, Федерика Могерини во дебатата за подготовките на меѓувладината конференција во Маракеш за Глобалниот компакт за миграциите на ОН.

Могерини тврдеше дека не постои судир меѓу националните интереси и идејата за Глобалниот компакт на ОН.

„Доколку нашиот национален интерес е да се управува со миграциите, а јас верувам дека тоа е интересот на сите нас, да се направат миграциите прописни, хумани и одржливи, тогаш Глобалниот компакт е моќен инструмент којшто им служи на нашите национални интереси… Копактите се темелени на почитување на принципот на сувереност на државите да одлучуваат за националните миграциски политики. Меѓутоа, компактите даваат правна рамка којашто денес недостига, а којашто бездруго е потребна“, рече Могерини.

Австриската политичарка Каролин Едтштадлер од десната партија ÖVP којашто е дел од најголемата пратеничка група во Европскиот парламент на Европската народна партија (EPP) зборуваше во името на Советот на ЕУ со кој претседава Австрија. Како што е претходно најавено, австриската влада на канцеларот Себастијан Курц нема да го потпише Маракешкиот договор.

„Како што знаете, Советот нема единствен став за овој текст. Меѓутоа, државите членки одлучија или се во постапка на одлучување за националните ставови за овој документ. Политичкото одобрување на Глобалниот компакт на меѓународната конференција во Маракеш и усвојувањето на овој документ на Генералното собрание на ОН ќе го отвори патот за примна на овој договор., Се надевам дека соработката со 36-те земји и со регионите ќе бидат клучниот темел за воспоставување на добрите рамки за идните миграции“, порача Едтштадлер.

Џудит Саргентини во името на Зелените од Европскиот слободен сојуз, укажа на фактот дека Австрија којашто одбива да го потпише Маракешкиот договор претседава со Советот на ЕУ, додека претседателката на Советот за надворешни работи Могерини го поддржува договорот.

„Станува збор за шизофренија. Всушност, тука имаме претставници на австриската влада којашто се изјаснува во името на Советот, а австриската влада одби да го потпише овој договор . Од друга страна, ја имаме г-ѓа Могерини која ја претставува не само Европската комисија туку и Советот, а којашто го поздравува договорот за миграциите. Навистина сметам дека ова е една шизофренична ситуација. Фактот дека (американскиот претседател) Доналд Трамп не сака да го потпише овој договор ми се чини логична, но ЕУ мора да му покаже на целиот свет дека може да потпише ваков вид договори за да им овозможи на децата на мигрантите да одат на училиште, и за да овозможи децата да имаат документи и достоинствено да живеат“, рече Саргентини.
Словенечката европарламентарка Тања Фајон, којашто зборуваше во името на социјалдемократите, истакна дека сите држави членки на ЕУ би требало да го поддржат Маракешкиот договор.

„Сите држави членки би требало да го поддржат овој договор, бидејќи тој е договор кој ја истакнува важноста за почитување на универзалните човекови права. Сите оние кои велат дека овој договор е измама или дека ќе доведе до уништување на западниот свет, треба уште еднаш да размислат. Тоа им го зборувам на сите кои даваат такви изјави и велам дека тоа се лажни изјави. Луѓето не знаат дека тука станува збор за соработка и споделување на одговорноста. Се работи за европските принципи, кои ќе ни помогнат подобро да управуваме со миграциите“, тврдеше Фајон