Могерини, Хан и ОБСЕ ги осудија немирите во Собранието

165

Двајцата претставници на Европската унија повикува во четвртокот вечерта на почитување на Уставот, демократските принципи, пристојност и разум, притоа честитајќи го поставувањето на Талат Џафери за спикер на Собранието, но без никаква осуда за начинот на кој СДСМ и неговите коалициски партнери го направија изборот.

„Најсилно ги осудуваме тековните напади врз членови на парламентот во Скопје. Насилството во парламентот е целосно неприфатливо и повикуваме на смиреност и воздржаност“, велат во заедничката изјава високата претставничка на ЕУ за надворешна политика Федерика Могерини и комесарот за проширување Јоханес Хан.

„Демократијата мора да продолжи по својот пат. Го поздравуваме изборот на Талат Џафери за парламентарен спикер“, се наведува во соопштението.

Наведуваат дека ЕУ е „убедена дека политичкиот дијалог во институциите е единствениот пат напред и ги повикуваме сите актери да го почитуваат Уставот на државата и да делуваат во духот на демократските принципи, пристојност и здрав разум“ и оти Унијата е подготвена да работи со парламентот на неопходните реформи за да се придвижи земјата напред кон европскиот пат.

„ЕУ е убедена дека политичкиот дијалог во институциите е единствен начин за одење напред и ние ги повикуваме сите политички актери  да дејствуваат во духот на демократските принципи и здравиот разум“, порача Могерини потсетувајќи дека земјата е кандидат и дека е подготвена да работи со парламентот на неопходните реформи за да оди земјата кон ЕУ.

„Најсилно го осудувам во секоја смисла на зборот нападот врз членовите на парламентот во Скопје. За насилството нема место во парламентот. Демократијата мора да продолжи“, напиша еврокомесарот Хан на Twitter.

На истата социјална мрежа се огласи и Организацијата за безбедност и соработка во Европа (ОБСЕ) која објави „Ги осудуваме инцидентите во Скопје. Насилството веднаш мора да сопре. Мора да се зачува смиреноста и редот“.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.