Моктада ал-Садр најави повлекување од ирачката политика

Влијателниот ирачки шиитски свештеник Моктада ал-Садр објави во понеделникот дека се повлекува од политиката и ги затвора своите институции, како одговор на нерешливиот политички застој во земјата.

„Го објавувам своето конечно повлекување“ од политиката, објави Моктада ал-Садр на Twitter.

Ал-Садр ги критикуваше шиитските политички водачи, бидејќи не ги послушаа неговите повици да спроведат реформи. Не ја појасни најавата на затворањето на неговите канцеларии, но рече дека ќе останат отворени некои од неговите културни и верски институции.

Во јуни годинава ал-Садр ги повлече своите пратеници од парламентот, откако не успеа да формира влада по сопствен избор. Политичкиот ќорсокак меѓу него и шиитските политички ривали, кои ја јмаат поддршката на Иран, доведе до најдолгиот период без влада во Ирак.

Приврзаниците на ал-Садр од крајот на јули го окупираат парламентот и протестираат близу и во добро обезбедуваната ткн „зелена зона“ во ирачката престолнина Багдад, каде што се сместени странските дипломатски мисии и владините згради, и така ги блокираа процесот на избор на нов претседател и премиер.

Се стравува дека објавата на ал-Садр ќе ги поттикне неговите приврзаници на ескалација на протестите, со што може да започне нова етапа на нестабилност во Ирак.