Молк од МВР за агенцијата за обезбедување на СДСМ

Министерството за внатрешни работи нема одговор на прашањето дали вработени во полицијата кои се дел од обезбедувањето на премиерот Зоран Заев основале агенција за обезбедување во Струмица, а во која како основач се јавува и познат струмички криминалец.

Како што вчера објави НетПрес, „Код Секјурити Груп“ ДОО Струмица е најновата агенција за обезбедување под контрола на СДСМ, а во која се директно инволвирани вработени во Шестата управа на МВР.

НетПрес уште минатата недела побара одговор од министерството дали Александар Трајков, познат во јавноста како телохранителот на Заев кој го придружуваше и пред да стане премиер, потоа Николчо Колев и Стево Трајков, и двајцата исто така обезбедување на претседателот на СДСМ се вработени во полицијата, но до денеска не добивме одговор.

Алексндар Трајков, неофицијално, не е повеќе вработен во МВР, но не е познато дали бил кога била основана агенцијата во јули годинава.

Освен што е спорно што припадници на МВР основаат агенција за обезбедување и се вработени во неа, нема одговор од Комората на РМ за приватно обезбедување дали „Код Секјурити груп“ воопшто има добиено дозола за работа од МВР.
Според Законот за приватното обезбедување, дозвола за работа на агенциите им издава МВР, а сите правни лица кои дејноста приватно обезбедување ја вршат во вид на давање на услуги се здружуваат во Комората заради заштита и унапредување на стручноста, професионалноста и деловноста и заради заштита на професијата. На интернет страницата на Комората, пак, на листата од 50 агенции членки на Комората ја нема „Код Секјурити груп“.

Освен овие три лица, како основачи на агенцијата се јавуваа и струмичанецот Лазо Котуровиќ, своевремено дел од личното обезбедување на Заев.

Тој во Струмица е познат под надимакот Д’лгиот и дури седум пати е осудуван за насилство, за нанесување тешки телесни повреди, за загрозување на безбедноста во сообраќајот, и за самоволно оддалечување и бегство од вооружени сили. Има и неколку кривични пријави за напад на службено лице, учество во тепачки и други кривични дела.

Код Секјурити Груп

Не е јасно како вработени во полицијата, основале агенција за обезбедување, односно како МВР воопшто им издало дозвола на нив, бидејќи тоа е спротивно на Правилникот за работење на работите и дејностите што се во судир со полициските работи.

Оттука се поставува прашањето дали министерот Оливер Спасовски, кој лично потпишува дозвола за работа на агенција за обезбедување, свесно го прекршил законот со тоа што „Код Секјурити Груп“ добила потребни документи од МВР, и можеби затоа НетПрес не доби одговор на прашањето доставени по електронска пошта?

Исто така, Законот за приватно обезбедување вели дека лиценца не може да добие лице кое е осудено со правосилна судска пресуда или против него се води кривична постапка за кривично дело за кое се гони по службена должност.

Од фотографиите објавени на социјалната мрежа „Фејсбук“, кои за кратко време потоа беа избришани од лицето кои ги објави, јасно се гледаат основачите во работни униформи, односно маички на „Код секјурити груп“.