Молк од Владата и Обвинителството за луксузниот стан на Верушевски

Десет дена откако Обвинителството за гонење организиран криминал потврди за НетПрес дека отворило предмет во врска со купување на луксузен стан во комплексот „Парк Резиденс“ во срцето на Градскиот парк во Скопје во изност од 165.000 евра од страна на Зоран Верушевски, нема одговори на дополнителните прашања до каде напредувала истрагата, а изостанува сѐ уште и реакцијата на Владата каде што Верушевски е советник за национална безбедност.

Како што објави минатата недела НетПрес, на почетокот од септември годинава, актуелниот советник за безбедносни прашања на премиерот Зоран Заев, некогашниот директор на УБК, Зоран Верушевски, ја завршил постапката за купување луксузен стан во комплексот „Парк Резиденс“ во скопскиот Градски парк.

Станува збор за апартман на самиот кеј на реката Вардар, со површина од 139 квадратни метри, и луксузно опремен со најмодерен мебел. Преддоговорот меѓу Зоран Верушевски и Друштвото за градежништво, трговија и услуги „ИММОРЕКС МАКЕДОНИЈА, на Енвер Малиќи, кој е актуелен заменик-градоначланик на Град Скопје, е нотарски склучен на 26-ти септември годинава. Малиќи му го продава комплетно опремениот стан на Верушевски по цена од 165.200 евра, или по 1.188 евра за квадратен метар.

За ваква извонредно атрактивна локација и целосно лускузно опремен стан, Верушевски, очигледно кога се имаат предвид цените кои владеат на пазарот на недвижнини во главниот град, добил голем попуст од Малиќи.

Меѓутоа, она што го побудува интересот е фактот што за да ги обезбеди средствата за да го плати станот, Верушевски подигнал кредит од „Шпаркасе банка“. Имајќи ја предвид висината на трансакцијата, како и фактот што купувачот е носител на јавна функција и претходното сомнително финансиско минато на сопствениците на луксузниот комплекс, банката решила оваа зделка да ја пријави како сомнителна до Управата за финансиско разузнавање. Освен погоренаведените причини, за банката и за Управата е сомнителен и самиот Енвер Малиќи, како лице кое е член на управниот одбор на Меѓународниот сојуз на Боки 13 од случајот „Рекет“. Поради тоа, директорот на УФР, Блажо Трендафилов, решил кон средината на ноември да го испрати целиот предмет кој го води како сомнителна трансакција до Јавното обвинителство за организиран криминал кај Вилма Рускоска за дополнителни проверки, меѓу кои и за случајот „Рекет“, бидејќи и продавачот но и купувачот се блиски до обвинети и можни инволвирани носители на највисоки политички функции, кои дел од медиумите ги поврзаа со овој случај.

Верушевски пред десетина години беше споменуван во случаи со малверзации со станови во државна сопственост, кога медиумите пишуваа дека незаконски се стекнал со два стана, иако според прописите можел да конкурира и да добие одобрение за купување на еден цени кои се далеку пониски од пазарните.

Професионалноста на Верушевски беше нарушена со аферата кога своевремено го напушти Министерството за внатрешни работи, а јавноста дозна дека му бил доделен стан, кој наводно бесправно го откупил, за веднаш потоа да го издава, и покрај тоа што добил и друг. Медиумите тогаш објавуваа дека станува збор за малверзации околу сопственоста на двата државни стана, а јавноста беше немалку изненадена од неговите изјави дека тој не е виновен што друг му ги доделил становите и дека нема правен механизам како да го врати станот. Подоцна Верушевски, сепак, најави дека ќе го врати едниот стан, и тоа помалиот. Имено, како што пишуваа медиумите, тогаш Зоран Верушевски, користејќи ја службената положба и хиерархиската надреденост, преку тогашната помошничка на министерот за правни и кадровски прашања барал и издејствувал решението за станот да се антидатира, при што во деловната книга било запишано како решението да било донесено во 1997 година, со што се здобил со можност да го откупи станот.

Подоцна Коалицијата „Македонија без корупција” го обвинуваше дека на функцијата директор на тогашната Дирекција за безбедност и контраразузнавање (ДБК) доаѓа со голем „багаж“, како што се двата државни стана добиени со лажна изјава и земање 24 плати или околу 10.000 евра при напуштањето на асистенското место на Факултетот за безбедност. Неговото враќање во МВР, како што истакнуваа од Коалицијата, било во спротивност со тогашниот Закон за работни односи со кој беше прецизирано дека лицето кое напуштило работно место со 24 плати, во наредните две години не смее да се вработи во истата дејност, во случајов во државни и јавни установи.

Кон средината на ноември сопружниците Верушевски, Зоран и Соња, вкупно од државата добија 59.000 евра отштета за деновите минати во притвор за случајот „Пуч“, кога беа уапсени во врска со аферата „бомби“, кои тогашниот опозиционер Зоран Заев ги објавуваше против поранешниот премиер Никола Груевски.

 

 

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.