Молкот на Претседателите

469

Македонија е гнило општество. Во распаѓање. Почнува да шири неподнослива реа која ве загушува и ги парализира сите ваши сетила. Незнаете што е полошо: корупцијата која како чума се шири и репродуцира без каква и да било можност за контрола, или лагата. Секаков вид лага што носи одредена корист. Но, најголема е онаа политичката која го создава нашиот колективен пекол.

Повеќе се нема срам. Социјалните норми станаа лизгав терен. Веќе не може да сте против корупцијата и лагата, зашто тие станаа социјална норма. Политиката никогаш не била покорумпирана и понечесна. А, ние порамнодушни. Со која леснотија им простуваме на грешните политичари, дури и на оние што отворено и без малку срам не лажат и бараат поткуп. И нашиот глас.

Изборите се време кога ја гледаме соголената лага и корупција на политиката. Сега и буквално преку слика и тон. Не дека некој се потресе поради тоа. Забриши се и продолжи. Изборите ни ја проектираат сликата за тоа во каква реалност живееме и во каква реалност стануваме соучесници, во еден или друг аспект. Знаеме дека длабоко погрешно е се околу изборите. Времето, вирусот, лагата и манипулацијата. Можеме да почувствуваме дека „новата нормалност“ што ни се нуди е расипана и гнила, а сепак стануваме дел од таа игра. Игра во која злоупотребите, неправдата, личниот интерес, понижувањето, деградацијата, па и смртта стануваат наша секојдневна слика и судбина.

Малкумина се подготвени да зборуваат јавно и да ја критикуваат реалноста која ни ја креираше политиката на Заев. Но, каде се поранешните ни претседатели, оние живите, да гукнат нешто за ова што ни се случува со државата. Или онака „достоинствено“  држат дистанца од политиката во Македонија, премолчувајќи ги нејзините промашувања. Да, беа кратки на зборови во нивните мандати. Сега гледаме  колку како „татковци на нацијата“ се грижеле за државата. И, продолжуваат да се грижат за себе. Улулкани во тишината на своите доживотни привилегии. Што ние ги плаќаме.

Верувам знаат дека никогаш нема да бидат обични македонски граѓани. Не можам да се согласам со нивното „достоинствено молчење“, кога државата ми се дезинтегрира. Кога ја губам нацијата и историјата. Постои разлика помеѓу нормално функционирање на политиката и одредени прашања, или одредени моменти кога политиката ги става на пазар нашите основни вредности и национални интереси. Кога станувате држава во заложништво, не очекувате оние со најсилни гласови да молчат. Како што ги премолчеа нивните мандати, нашите бивши претседатели сега ја премолчуваат нивната пензија. Затоа барам наплата. Зашто нивниот молк бзди. И кошта.

Очигледно има нешто толку уникатно и посебно за претседателството, што, и покрај тоа што може да бидат многу длабоки и сериозни разликите во политиката и личните сфаќања, вие едноставно ги премолчувате. Жално е што изостана нивната одбрана на критериумите, идеите, вредностите и принципите на кои беше положена државата кога ја напуштија функцијата. Од страв, или од привилегиите. Зашто, знаете парите корумпираат, но истовремено и штитат. Затоа комфортната зона на нашите претседатели останува негибната. За возврат го имаме нивниот молк. И нова држава.

Кога гледаш дека за Заев секој нов ден е шанса да ги дефлорира нашите демократски институции, верував дека ни треба некој со авторитет да се замеша во неговиот вообичаен хаос. Требаше интервенција. Изгледа сум премногу наивен што верував дека нашите екс претседатели се луѓе од авторитет што би можеле да интервенираат во хаосот во кој сме во моментов. Камо да беа искрени пријатели на демократијата и да имаа барем личен авторитет. Тоа да ти биле само обични безтежински ликови во македонскиот политички вакум, далечински управувани и насочувани. Обични неми кукли во политичкиот театар, Македонија. Кои посакувам што побрзо  да бидат заборавени. Делигитимизирани во историјата, како државата што ја претставуваа.

Тишината на бившите претседатели во исторските моменти на државата во заминување, фрустрира. Фрустрира и фактот дека такви ликови ја воделе и претставувале надвор. Погледнете со која леснотија се акомодираа во „Северна Македонија“.Тоа е нашето болно учење на демократијата. Во кое лошите ученици се во првите клупи. Кога го премолчувте хаосот во државата станувате дел од него. Понижени и заборавени. Едниот „папа“, другиот „фикус“ за нивниот мандат, сега двајцата пензионери. Тешко дека вакви ликови можат да испишат историја на демократија и слобода во Македонија. Затоа нека продолжат да уживаат во нивните пензионерки денови, од високо во убавиот поглед доле, ставени на муте. Срамот е само нивен. Додека граѓаните продолжуваат да ги водат нивните борби.

Автор: професор Звонимир Јанкуловски за НетПрес

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.