Молкот за тајните средби во Софија е доказ дека Заев преговара за историјата

Заев молчи и не кажува за што се преговара на тајните разговори во Софија овој викенд. Според нас, Заев сакал да прифати ретуширана историја, откажување од јазикот и македонското малцинство. Тоа значи дека Заев е спремен на ново предавство, обвини опозициската ВМРО-ДПМНЕ преку соопштение.

„Молкот на премиерот во заминување Заев, но и на Димитров, Османи, Шекеринска, и цела влада и цел СДСМ, гласно говори дека оваа однародена власт преговара за идентитетот, јазичната и национална посебност, историјата и антифашистичките столбови на македонската државност. Власта на шверцерски начин сака на и онака штетниот договор од 2017-та да накалеми ново раскрчмување на националните интереси. Самиот премиер во заминување, Зоран Заев, сето ова го навести во скандалозното интервју, а сега со молкот и сето тоа се потврдува. Никој му нема дадено право на Заев да тргува со народот, јазикот и историјата, бидејќи тие припаѓаат на сите минати, сегашни и идни генерации Македонци и останати граѓани на Македонија. Ова не е тезга, ниту Еленица, па да ја распродава. Ова е Македонија, суверена и независна држава. Народот остро се спротивставува и уште поостро ќе одговори на ваквите штетни и анационални политики на премиерот во заминување Зоран Заев. Работата е дојдена до таму, или Заев или Македонија. Затоа оставка на Заев, слобода на Македонија“, наведено е во соопштението.