Момче уапсено за скандалот со игли во јагодите во Австралија

Во Австралија денеска е уапсено момче осомничено за ставање игли во јагоди наменети за широка потрошувачка, пренесоа локалните медиуми. Момчето признало дека ставало игли во јагодите и рекло дека тоа го направило за забава. Медиумите не ја откриваат возраста на овој осомничен сторител.

Иако властите за ова кривично дело пропишуваат казна затвор до 10 години, момчето е малолетник, па ќе се соочи со многу поблага казна.

Секој може да оди до продавница, да забие игли во овошје и да се преправа дека тоа е некаков вид шега. Таквото однесување е безобзирно и ќе го казнуваме со затворска казна до 10 години“, рече премиерот Скот Морисон.

Колку за потсетување, потрошувачи низ цела Австралија објавија дека наоѓале игли во купените јагоди. Властите почнаа истрага, а министерот за здравство, Грег Хант, им наложи на инспекторите да ги истражат инцидентите пријавени во шест од осумте австралиски држави и територии.

Првиот инцидент беше забележан минатата недела во Квинсленд, по што јагоди од неколку различни производители беа повлечени од пазарот.