Момчето што ја уби својата баба било припадник на секта и се лекувало во Бардовци

Момчето од Драчево (Андријано Р.), кое на свиреп начин ја уби сопствената баба, неколку пати престојувал во психијатриската болница во Бардовци, а пред две недели бил пуштен од оваа институција, неофицијално дознава „Нетпрес“.

Нашите извори велат дека во психијатриската установа тој наводно одбивал да прими лекарства.

Грозоморното убиство што пред два дена се случи во Драчево, кога дваесетгодишникот ја усмртил сопствената баба, ја вознемири јавноста, особено жителите на оваа скопска населба. Неофицијалните информации велат дека наводно тој и го одзел животот на старицата во секташки ритуал, односно дека и го прегризал гркланот.

Момчето, кое доби 30 дневен притвор, воедно имало и психички нарушувања, и било познато и на полицијата, бидејќи за неговото однесување имало повеќе пријави од граѓани, но, по се’ изгледа дека надлежните кои требало да ја превенираат ваквата ситуација и сериозно да ги сфатат неговите „испади“ по соседството, затаиле во својата професионалност.

И сега одеднаш, откако се случи убиството, излегоа на површина сите системски грешки, а во очекување се и институционалните препукувања, за тоа кој ја згрешил работата и кај кого е најголемата вина за овој недопустлив пропуст и неажурност, кој резултираше со човечка жртва.

Се поставува прашањето, доколку навистина момчето имало психички нарушувања, пријави од граѓани за вознемирување, зошто досега надлежните не ја согледале опасноста од проблематичното однесување на момчето да ги превенираат можните последици?

Момчето, според неофицијални информации, заедно со својот брат живееле со бабата, која им била законски старател. Нема информации зошто бабата им била старател и каде се нивните родители.

Ова е фотографија од неговиот профил на социјалната мрежа „Гугл“:

Истрагата за убиството е во тек, а осомничениот ќе се гони за убиство, бидејќи со умисла и го одзел животот на својата баба.

Како што соопштија од ОЈО, момчето и нанело неколку убодни рани со нож, а потоа во пределот на вратот и нанел засецна рана која била пресудна за смртта.

Имено, осомничениот со умисла, при вршење семејно насилство, ја лишил од живот оштетената, негова баба по мајка, нанесувајќи и повеќе убодни рани со нож, од кои една засецна рана во пределот на вратот била смртоносна, посочија од ОЈО.

Официјално истражните органи велат дека мотивите за кривично-правниот настан се’ уште се утврдуваат. По наредба на надлежен јавен обвинител, телото на починатата е предадено на обдукција, а се вештачат и трагите и материјалните докази пронајдени на лице место при извршениот увид.

Осомничениот убиец во полиција се пријавил сам.

Неофицијалните информации велат дека дваесетгодишникот од Драчево е припадник на секта. Извори од истрагата за НетПрес велат дека тој ја усмртил својата баба во секташки ритуал, и дека во полициска станица, каде што самиот се пријавил за злосторството што го сторил, на полицајците им рекол оти тоа што го направил е само предвесник, и дека наводно допрва во Македонија ќе се случуваат такви обреди. Исто така, кажал и дека се отвориле портите кон пеколот, како и дека неговот име во сектата е Ханибал Лектор. Извори на НетПрес од истрагата велат дека имал истетовирано три деветки, за кои објаснил дека тоа биле ознаки на сектата.

Инаку, тоа што наводно им го рекол како дел од својот исказ на полицајците беше испишано пред извесно време во скопската населба Драчево.

Неофицијално, тој се поврзува со немилиот настан со преполовеното маче, оставено во локва крв, покрај написите: „слава му на сатаната“ (Ad Majorem Sathanae Gloriam ) и „врати на пеколот, отворете се“ (Zazas, Zazas, Nasatanada Zazas). Сепак, се уште е непознато за која секта станува збор и како точно е инволвирана во случаите, предизвикани од сатански мотиви, кои последниов период се забележуваат во Скопје.

Официјално, сторителот на овие сквернавења не беше откриен од страна на полицијата.