Момир Маричиќ, татко на министерот за правда, Бојан Маричиќ, барал и добил тепих за обвинителска противуслуга?!

Момир Маричиќ, татко на министерот за правда Бојан Маричиќ, побарал подарок, а за кратко време и добил, од двајца млади адвокати додека бил јавен обвинител во скопското обвинителство, дознава НетПрес.

Според нашите извори, двајцата тогашни млади адвокати, од кои едниот е сега позната и има своја канцеларија, му купиле тепих кој чинел околу 200 евра во продавница во скопскиот трговски центар „Буњаковец“, која токму Маричиќ им ја кажал.

Таткото на актуелниот министер за правда им рекол дека ако сакаат помош и соработка во однос на предметите на скопското Основно јавно обвинителство, каде тој бил застапник, требало да го почестат со тепих. Им објаснил точно од која продавница и точно кој тепих му било желба да го има. Двајцата тогашни млади адвокати му го купиле тепихот.

Ова се случило во периодот додека тој бил вработен како обвинител во скопското јавно обвинителство.

Дознавме дека тогашните млади адвокати работеле во познатата адвокатската канцеларија „Апостолски“. А, оттаму пак, ни ја потврдија случката.

Сопственикот, познатиот адвокатот Антонио Апостолски, ни рече дека точно е оти тогашните двајца адвокати од неговата канцеларија му купиле подарок тепих на Момир Маричиќ, татко на сегашниот министер за правда Бојан Маричиќ.

Инаку, деновиве името на Момир Маричиќ е актуелно во јавноста откако новинарот Саша Узунов објави фотографии од таткото на министерот Маричиќ „гордо сликан“ со статуа на Хитлер.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.