МОН: Ако сте патувале во следниве региони во последните две недели, не одете на работа!

107

Министерството за образование и наука (МОН) до основните и до средните училишта во земјата, универзитетите, јавните научни установи и другите образовни институции, достави детални насоки за постапување со цел заштита на учениците, студентите и вработените од евентуално заболување и понатамошно пренесување на вирусот корона.

Покрај организирањето едукативни предавања поврзани со начините за превенција од корона вирусот, насоките за постапување наложуваат образовните установи да ги одложат планираните патувања и екскурзии на ученици, студенти и вработени во Република Италија.

„Во најкус можен рок по телефонски/електронски пат потребно е образовните установи да обезбедат информации од сите свои вработени, ученици и студенти – дали во последните 2 недели патувале или живеат со некој кој патувал во следниве земји/региони: Ломбардија, Венето, Емилија Ромања и Пиемонт во Италија, како и во Кина, Хонг Конг, Иран, Јапонија, Маку, Филипини, Република Кореја, Сингапур и Тајван. Лицата кои ќе дадат потврдна информација потребно е да не доаѓаат на работа, односно да не посетуваат настава, додека не добијат соодветни инструкции, односно совети за следни чекори што ќе треба да ги направат зависно од ситуацијата и од планот на надлежните здравствени институции и Владата“, порачуваат од МОН.

Во меѓувреме, се очекува од менаџментите на училиштата, универзитетите, јавните научни установи и сите други образовни институции да ја подигнат хигиената на највисоко ниво во сите простории каде има честа фреквенција на луѓе.

 

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.