МОН: Најголем дел од училиштата веќе ги објавиле интерните испити, течат подготовките за матурата

Средните училишта се подготвуваат за полагањeто на државната матура. На онлајн средбата со министерката за образование и наука Мила Царовска информираа дека постапуваат согласно заедничкото решение на Владата и Сојузот на средношколци за спроведувањето на завршниот испит.

-Најголем дел од училиштата веќе ги објавиле интерните испити. Уште еднаш повикав да се исполнат сите договорени елементи од матурата, затоа што тоа е во интерес на нашите ученици, рече министерката Царовска.

Обврска на матурските предметни комисии е да подготват испитни задачи по секој предмет и да ги објават најдоцна три седмици пред полагањето. Од тие испитни задачи потоа се изготвува тестот за интерните испити.

Директорите на средните училишта информирале дека целосно ќе бидат спроведени сите безбедносни и заштитни мерки за полагање на матурата.