МОН не отстапува од новиот закон за учебници, се дава можност за уште една стручна јавна дебата

Министерството за образование и наука и Владата продолжуваат со подготовката на дигиталните материјали за учење и покрај повлекувањето на предлог законот за учебници од собраниска процедура. Реформите ќе стартуваат според утврдениот план од септември во прво и четврто одделение. Ова го истакна министерката образование и наука Мила Царовска на гостување во Утрински брифинг на Слободна ТВ.

– Ние ќе продолжиме со имплементација на реформите. Светот се менува толку брзо што учебниците брзо застаруваат, затоа не е прашање дали ние сакаме или не дигитални учебници, туку дека мораме да ги воведеме затоа што тие ќе понудат поинаков пристап во учењето, од печатените учебници кои се со многу лош квалитет и со една илустрација на лекциите – рече Царовска.

Министерката посочи дека Владата и Министерството не отстапуваат од новиот закон за учебници, затоа, и покрај тоа што беше слушната експертската јавност, уште еднаш ќе биде ставен на јавна дебата.

– Дебатата е многу значајна и таа ја имавме и со наставниците и со Синдикатот и со експерти од областа на образованието и дел од академиците веќе јавно ја дадоа својата поддршка за воведувањето на дигиталните учебници. Сепак, пред да го вратиме предложениот закон во собраниска процедура, даваме уште една можноста за негово разгледување и елаборирање. Предност мора да дадеме во дебатите на стручната јавност, односно да ги слушнеме експертите за учебници, експертите за образование тие да го кажат своето мислење – рече Царовска.