МОН: Се унапредува квалитетот на наставата во билингвалните паралелки во средните училишта

Со анекс на Спогодбата за соработка помеѓу Северна Македонија и Франција која се однесува на средните училишта со франкофонски двојазични паралелки ќе се унапредува квалитетот на билингвалната настава која долги години е застапена во повеќе средни училишта во државава, соопштија од Министерството за образование и наука.
Документот со кој се прецизираат одредбите од спогодбата, а со цел подобро функционирање и одржливост на овие паралелки, го потпишаа министерот за образование и наука Јетон Шаќири и францускиот амбасадор Сирил Бомгартнер. Двајцата изразија задоволство што се продлабочуваат соработката и заложбите за поврзување на културите и јазиците на двете страни.
Пред неколку месеци тие потпишаа и меморандум кој предвидува активности за поттикнување на изборот на францускиот јазик во основните и средните училишта, изработка на алатки за промоција на францускиот јазик и организација на настани наменети за раководните и педагошки тимови во училиштата, како и зајакнување на наставата по француски јазик во основните и средните училишта преку обезбедување на модерни технолошки помагала, организација на педагошки обуки во Франција, вмрежување на училишта од Франција, Северна Македонија и регионот.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.