МОН: Стипендии за студии од прв и втор циклус на Американ Колеџ во Солун

Министерството за образование и наука информира дека во тек е Конкурс за доделување на 20 стипендии за студии од прв циклус и Конкурс за доделување на 10 стипендии за студии од втор циклус на Американ Колеџ во Солун, за академската 2014/2015 година.

Стипендиите, кои ги доделува Американ Колеџ во Солун, врз основа на Меморандум за разбирање потпишан помеѓу Колеџот и Министерството за образование и наука на Република Македонија, покриваат 50 отсто од вкупната школарина.

Кандидатите за стипендија за студии од прв циклус треба да имаат завршено четиригодишно средно образование, а оние кои конкурираат за стипендија за студии од втор циклус, потребно е да имаат диплома за завршен прв циклус на студии. Дополнително, сите кандидати треба да се државјани на Република Македонија и да имаат одлично познавање на англискиот јазик.

Студиските програми кои ги нуди Американ Колеџ во Солун за прв циклус на студии траат четири години, а кандидатите може да изберат една од следните студиски области: Бизнис администрација (Финансии, Меѓународен бизнис, Менаџмент, Маркетинг), Информатичка технологија (Бизнис и компјутери), Меѓународни односи или Англиски јазик (Јазик и литература и Комуникација и нови медиуми).

Постдипломските студии траат една година за редовни студии или две години за вонредни студии. Постдипломските програми (MBA) се од областа на Бизнис администрацијата, со специјалности во: Банкарство и финансии, Претприемништво, Менаџмент, Маркетинг и Дигитален маркетинг.

Краен рок за пријавување е 16 мај 2014 година заклучно до 16 часот, при што заинтересираните кандидати треба да ги достават документите до: Министерство за образование и наука, ул.„Св. Кирил и Методиј“ број 54 ,1000 Скопје.

Изборот на кандидатите ќе се изврши од страна на заедничка Комисија составена од претставници на потписниците на Меморандумот, во согласност со критериумите на Американ Колеџ во Солун и законските прописи на Република Македонија.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.