МОН за случајот со ученичките со превез: Основното образование е задолжително

Министерството за образование и наука испрати соопштение во врска со случајот во Основното училиште „Братство и единство” во Охрид, каде на две девојчиња не им било дозволено следење на наставата поради тоа што носеле превез.

Од МОН објаснуваат дека до нив се обратил родителот на двете ученички, на што тие испратиле одговор дека согласно Законот за основно образование, основното образование е задолжително. Исто така укажале дека во надлежност на директорот е да ја организира, планира и води работата на основното училиште и е одговорен за остварување на правата и обрските на учениците.

„Зачудува погрешното толкување на дописот на МОН дека со него се дава дозвола за какво било однесување на директорот или на родителот на ученичките. Напротив, МОН укажа на задолжителноста на основното образование и на надлежноста и одговорноста на директорот на училиштето за остварување на правата и обрските на учениците. При тоа, се подразбира дека сите граѓани се должни да го почитуваат Уставот и законите во Република Македонија, вклучувајќи ги и директорите на училиштата кои својата надлежност треба да ја вршат во рамките на позитивните правни прописи“, се вели во соопштението.

Заради заблудите кои се појавија во јавноста по повод на овој случај, МОН во оваа прилика укажува и дека директорите на општинското основно училиште се избираат и разрешуваат од страна на градоначалниците на предлог на училишниот одбор на основното училиште.

„Ако постојат сознанија за постапување на директорот со кое по негова вина е нанесена штета на учениците, на нивните родители или на училиштето, училишниот одбор свикува седница на која се донесува заклучок во писмена форма кој се доставува до директорот. Понатаму во законот е регулирано дека во случај на евентуално постоење на прекршување на законите и оневозможување на остварување на правата на учениците, надлежност имаат покрај училишниот одбор, Државниот просветен инспекторат, градоначалникот и на крајот, по спроведена постапка од страна на другите органи, Министерството за образование и наука“, се додава во соопштението на МОН.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.