Монако дома настрада од ПСЖ

Фудбалерите на Пари Сен Жермен го декласираа со 4:0 на гостувањето Монако во средбата до 13-то коло на француското првенство забележувајќи ја и тринаесеттата победа сезонава во Ле Шампионат.

Победата на актуелниот француски првак можеше да биде и поубедлива, а домашните може да бидат среќни што не доживеаја уште поголем дебакл пред своите навивачи и примија „само“ четири голови. Гостите водеа по само 11 минути со 2:0 со головите на Единсон Кавани , во 4 и 11 минута. Истиот играч во 53 минута го постигна и третиот гол, а на 4:0 зголеми Нејмар од пенал во 64 минута.

Ова е веќе шести пораз на клубот од Кнежевството во последните седум кола, а Монако веќе 12 кола е без победа и е сѐ поблиску до испаѓањето во втората лига. Во моментов е претпоследен на 19-то место со само седум бодови. ПСЖ, пак, е максимален на врвот со 39 бодови.

Олимпик Марсеј на својот „Велодром“ го победи Дижон со 2:0, прекинувајќи ја низата од четири последователни порази. Победата на домашните им ја донесоа Лигас Окампос во третата минута од судиското продолжение на првото полувреме и Адил Рами во 84 минута. Марсеј сега е шести со 22 бодови, а Дижон е 18-ти со 11 бодови.

Бордо и Каен одигра без голови, па домашните сега се 11-ти со 16 бодови, а гостите се 17-ти со 12 бодови. Без победник, со резултат 1:1, заврши и средбата меѓу Рен кој сега е 12-ти со 16 бодови, и Нант кој има исто толку бодови но поради подобрата гол разлика е на 10-то место.

На табелата води ПСЖ со 39 бодови, а на второто место е Лил со 26, Монпелје е трет со 25 бодови, па следат Лион со 24, Сен Етјен со 23 и Марсеј со 23. Последните две места кои водат во понизок ранг ги држат Монако и Гинган со по седум бодови.