Монетарната политика на ECB и каматите остануваат без промени

Европската централна банка (ECB) одлучи во четвртокот да ги задржи каматните стапки и пандемиската програмата за стимулација на непроменето ниво и покрај тековните инфлациски притисоци.

Одлуката за тоа дали и како да се прекине програмата за купување обврзници вредна 1,85 билиони евра, која влијае врз 19 земји од Европската унија кои ја користат заедничката валута еврото, ќе биде на дневен ред на Банката на нејзината декемвриска седница.

Споменатиот стимулативен пакет ги намали трошоците за долгорочно корпоративно задолжување за да им помогне да го надминат периодот на заклучување и овозможи поевтино задолжување од владите чии трошоци нагло се зголемија поради мерките за финансирање за поддршка на националните економии и граѓаните за време на пандемијата. Се очекува стимулативната програма да трае најмалку до март 2022 година, или додека ECB не процени дека кризата со корона е завршена, но неодамнешниот пораст на инфлацијата предизвика контроверзии околу тоа дали да се напушти купувањето обврзници порано отколку подоцна.

Европската централна банка во септември објави дека ќе го намали купувањето на должнички хартии од вредност поради зголемената инфлација во еврозоната, која во септември достигна 3,4 отсто, што е највисоко ниво во последните 13 години и значително повисока од проектираната стапка на ECB од 2,0 отсто.