Монографија на СКМ со 500 личности значајни за 100 години од коморското работење

Свето Пивара, Нако Кожара, Страшо Гранит, Штерјо, Минчо, Симе Пашата, Туџар, Џобе …., тоа се само дел од личностите во монографијата на Стопанската комора на Македонија, каде се опфатени околу 500 лица кои биле или се`уште се значајни за коморското организирање и работење. Од нив, околу 270 личности се наведени со име, презиме и компанија, а околу 230 личности и со фотографија на 209 страни.

СКМ оваа година слави 100 години од своето постоење и по тој повод е подготвена монографијата за личностите и настаните кои ги одбележаа последните 25 години.

Монографијата содржи интересни податоци за сите најзначајни активности кои го одбележале опстојувањето на СКМ низ годините (со назив Стопанска комора на Северна Македонија од март 2021 година), а посебен фокус е ставен врз личностите значајни за бизнисот во Македонија, компаниите кои биле или сеуште се дел од најголемата и најбројната бизнис-асоцијација, низ призмата на добиените коморски награди во последните 25 години, од кога последен пат била издадена коморска монографија.

„Овој дел, којшто е суштински за монографијата, претставува извонредна можност да се пристетиме на сите личности кои вградиле дел од својот живот во развојот на македонската економија“, стои во соопштението на СКМ.
Во монографијата ќе прочитате за Шутурко, Гоце Кам, Самарџија, Драги Милошевски, Петар Спасески, Кутревски Пекабеско, Хари и Бишев, Нанчо, Зарче, Јаким и Најденко, Клубот 100 – Живко Алкалоид, Андреја Макпетрол, Гечев ИГМ, Кочо, Доне, Петер Штефан, Шевки Ренова, Даути, Мизо, Аргир и уште многу други бизнис-лидери, препознатливи, како на домашниот, така и на светскиот пазар, кои оставиле силен белег во стопанството и истовремено биле активно вклучени во коморското секојдневие, свесни за улогата на Комората, како сплотувач на бизнисите.
„Kоморскиот систем е една голема разгранета мрежа низ целата земјина топка. Нема земја или поголем град каде што нема стопанска комора, затоа што бизнисот и капиталот се присутни насекаде, а како резултат на тоа, потребна е бизнис асоцијација која ќе ги сполотува бизнисите, ќе ги штити бизнис интересите и ќе се залага во име на бизнис заедницата“ се вели во соопштението на СКМ.
Монографијата на СКМ ќе биде официјално претставена на јавноста на денот на Комората – 14 јули 2022 година, на прес-конференција.