Монт Еверест повисока за 86 сантиметри

Највисоката планина на светот Монт Еверест е повисока за 86 сантиметри од досегашниот официјален податок, објавија во заедничко соопштение Кина и Непал, пренесуваат во вторникот агенциите.

Според тоа, сегашната официјална височина на „Покривот на светот“ би изнесувала 8.848,86 метри, наспроти досегашните 8.848 метри, што беше прифатен резултат од мерењето на индиските научници од 1950-те години.

Ревидираната височина на снежниот слој на врвот Еверест заеднички ја објавија кинескиот и непалскот министер за надворешни работи, Ванг Ји и Прадееп Кумар Гјавали по истражувањата од двете земји.

Непалската експедиција којашто беше на врвот минатата година, и кинеската којашто се искачи годинава, новата височина ја измериле користејќи го глобалниот навигациски сателитски систем (GNSS), радари за снимање под површината, скенери, антени и друга опрема која ја носеле со себе.

Ова беше првпат истражувачите височината на планинскиот врв да ја мерат од врвот, бидејќи досега тоа се работело со традиционалните тригонометриски методи.

За Непал ова мерење претставуваше прашање на националната чест, бидејќи земјата досега се потпираше на мерењета на стручњаци од странство.

Кристијан Герлах, од Баварската академија на науките, инаку стручњак за геодезија и ледници, изјавил за германската новинска агенција DPA, дека височината не се променила поради новите методи на мерењето, туку е навистина поинаква, што може да биде последициа од придвижувањето на тектонските плочи или топењето на снегот.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.