Мора да ја поддржиме Украина во противофанзива кога на Русија ќе ѝ се исцрпат ресурсите, вели Џонсон

Британското воено разузнавање верува дека руското напредување во Украина следните неколку месеци може да забави поради наводен недостиг од ресурси, и тогаш Киев мора да се поддржи со оружјето што го бара за да направи пресврт на боиштето, вели британскиот премиер Борис Џонсон во интервјуто за неколку европски весници.

Во коментарите коишто во средата и објави во средната германскиот дневен весник Sueddeutche Zeitung, Џонсон вели дека руските војски во источна Украина „сеат деструкција, но за тоа плаќаат скап данок во оружје и војници“.

„Додуша, нашата одбранбена разузнавачка служба верува дека Русија во текот на следните неколку месеци би можела да ги исцрпи своите сили што би го запрело нејзиното напредување“, тврди Џонсон во интервјуто.

„Во тој момент мораме да им помогнеме на Украинците да направат пресврт на динамиката на борбата. За тоа ќе се залагам и на состанок на групата Г7 (кој викендов ќе се одржи во Германија). Доколку Украинците бидат во позиција да тргнат во противофанзива, треба да ги поддржиме со вооружувањето коешто го бараат од нас“, додава британскиот премиер.

На прашањето како би изгледала победата за Украина, или поразот на рускиот претседател Владимир Путин, Џонсон одговара „Тоа би подразбирало враќање на статус-квото кое постоеше пред 24-ти февруари и повлекување на руските сили од областите на коишто извршиле инвазија“.

Но Џонсон не појаснува што би значело враќањето на состојбата пред крајот на февруари, бидејќи мировните договори од Минск од 2014 и 2015 година не се спроведуваат, а според кои двете самопрогласени „Народни републики“ во доминантно руските и рускојазични југоисточни региони Луганск и Доњецк, а кои Русија ги прозна по осум години непосредни пред инвазијата, требаше да добијат специјален статус со широка автономија во рамките на Украина.

Покрај за Sueddeutche Zeitung, британскиот премиер, интервјуто го даде и за француски Le Monde, како и за италијански и шпански весници.