Мора да дојде крај на вртењето во еден ист затворен круг и да се направат големи исчекори напред, порача Мицкоски

30 години се доволен период да се направи една опсежна анализа за тоа сме денес, дали дрвото беше насадено исправно, и зошто сега е натежнато и искривено, кои беа очекувањата, каков беше заветот, и каде дојдовме, истакна Мицкоски во своето денешно обраќање во Битола на прославата 30 години независност.

„Дилемата е дали го оправдуваме заветот на татковците на оваа нација, кои деведесеттите се потпираа на асномците, а асномците на илинденците и се така наназад во нашата богата историја.

Не сме дрво без корен, и работата е што корењата се премногу длабоки, а сеќавањата не напуштаат лесно. И не дека и во минатото не се правеле грешки во историјата, но секогаш имало мудрост да се прескокнуваат препреките. Нашето дрво беше засадено со крвта и страдањата на многу генерации кои веруваа во слободата, но овие 30 години истото сериозно е навалено и натежнато.

Затоа можам со горко чувство и со тага во мене да соопштам дека овие 30 години ги разочаравме основачите на независноста на државата. Не го исполнуваме како држава во целост нивниот завет. А зад ова што го говорам е чувството дека по малку, чекор по чекор се губи државата. А работите се вртат во еден ист круг.

И не ми е целта да правам лов на виновници за тоа, сите вие добро знаете што се случуваше овие 30 години и кој и што направи, туку целта ми е да посочам дека мора да дојде крај на вртењето во еден ист затворен круг и да се направат големи исчекори нанапред.

А Европа и Светот незапирливо трчаат напред, бележат рекорди, создаваат и живеат според вредности“, рече Мицкоски.