Морално е Пиги, ајде да направиме за да владее правото подеднакво за сите

Конечно и тоа се случи. Со извештајот на Европската комисија за напредокот на Република Македонија на патот кон европските интеграции, после неколку условени препораки, дадена е чиста препорака за отпочнување на преговорите за полноправно членство во Европската унија. Значи го поминавме првото ниво од видео играта, додуша не за прв пат, но нејсе, одиме понатаму.

Првата крупна задача што е нотирана во Извештајот како препорака до македонските власти е придвижувањето на закочениот и зар’ѓан механизам на владеење на правото и борбата против корупцијата. Тоа е нужно…и морално е Пиги, да го направиме најдобро што знаеме за работата да ја биде и на ова ново ниво од играта.

Сакам да верувам дека овој проблем сериозно е разбран од премиерот, министрите и останатите владини функционери. Арно ама, според тоа што имавме можност и до сега да го слушнеме на таа тема, остава простор за сомнеж дека задачата сериозно не е разбрана и дека ништо битно нема да се промени токму во оваа најгорлива сфера од општественото живеење.

Од каде доаѓаат сомнежите?!

Целокупната јавност беше сведок дека уште на Пржинските разговори, прашањето на владеење на правото и борбата против корупцијата беше многу глатко поминато меѓу преговарачките страни, прашање кое уште таму се сведе на реформи во правосудниот систем. Сведувањето на прашањето за владеење на правото и борбата против корупцијата на реформи во правосудниот систем е негова вулгаризација, целосна сатанизација на правосудниот систем, а во едно покажува и тотално не познавање на поимот – владеење на правото подеднакво за сите.

За жал, на Пржинските разговори копјата се кршеа околу тоа кој, односно која партија ќе го добие министерството за внатрешни работи. Причината е едноставна, министерството за внатрешни работи е средиштето на бројни бази на податоци, таму е акумулирана моќта, а тој што ги има во свои раце алатките од типот на полицијата и тајната полиција, секако дека тој во самиот старт е во предност, каква предност јас не знам, но знаат тие што треба да ја искористат.

Сега, после добиениот Извештај и препораката за отпочнување на преговорите, без разлика дали советот на министри на ЕУ ќе утврди датум за отпочнување на преговорите, слушаме дека како одговор на забелешките на владеењето на правото и борбата против корупцијата се апострофираат реформите во судството, како клучни во воспоставување на тој систем. Лично сметам дека таквиот пристап е целосно промашување на целта која треба да ја постигнеме, а се бара од нас како држава.

Нештата се поставуваат како да се заборава дека власта во републиката е поделена на законодавна, извршна и судска. Се заборава дека правниот систем не една земја претставува комплекс од правни норми, кои меѓусебе се компатибилни, конзистентни и поврзани во една целина која произлегува од Уставот на земјата. Во таа смисла, владеењето на правото подразбира обврска на институциите на државата, без разлика на која власт припаѓаат, да го спроведуваат законот еднакво за сите, без селективен или дискриминаторски пристап.

Апострофирањето на реформите во судскиот систем (читајте во судската власт која нужно мора да биде независна) кои ќе ги врши владата (извршната власт) (?!), а ќе се реализираат преку Собранието (законодавната власт), упатуваат на заклучок дека во делот на спроведувањето и почитувањето на законот од страна на законодавната и извршната власт се е во ред, дека таму нема или и да има, проблемите не се сериозни.

Дали состојбите се такви?!

Проблемот со владеењето на правото и борбата против корупцијата во Република Македонија е присутен во судската, многу повеќе во законодавната и најмногу во извршната власт на сите нивоа, а токму не функционирањето на институциите на извршната власт, селективната и дискриминаторска примена на законите и прописите го оставаат отворен просторот за корупција. Независната судска власт стапува на сцена тогаш кога институциите на државата, пред се на извршната власт, низ управните постапки ќе ги истоштат граѓаните, ќе им ги истенчат нервите и ќе им ги испразнат џебовите одејќи од врата до врата на баци рака, до степен кога не им преостанува ништо друго, освен како последна инстанца за спас да се обратат на судот.

Затоа анатемисувањето само на судската власт, претставува целосно не разбирање на поимот владеење на правото и борбата против корупцијата, токму и од тука сомневањето дека реформите во судскиот систем, кои ги заговара владата, нешто сериозно ќе променат во оваа сфера. Дека нешто не е во ред, говори и фактот што до сега двајца претседатели на комисијата која требаше да ги подготви и имплементира судските реформи си поднесоа отставки, со образложение дека не сакаат да бидат искористени како параван за глумење реформи. Тоа подразбира дека тие што ги поставиле на тие позиции (владата) им ја потцениле нивната стручност, знаењето и нивниот интегритет.

Како заклучок, за да се смени нешто во сферата на владеењето на правото и борбата против корупцијата, неопходно е да се започнат радикални реформи во институциите на државата, пред се во извршната власт на сите ниво, неопходна е нивна целосна департизација, професионализација и менување на менталната матрица на административците, дека тие се таму каде што се заради граѓаните, а не обратно и не заради тоа што партиите на власт им ги обезбедиле тие работни места, кои за разлика од приватниот сектор, се сигурни и заштитени како бели мечки и на сето згора подобро се платени.

Шансата е пред нас, не зависно од тоа дали и таа игра ќе ја играме како и до сега на прво ниво од видео играта или стварно ќе заиграме на второто ниво од неа, но тоа што најнапред треба да го разберат премиерот, министрите и останатите властелини е дека владеењето на правото и борбата против корупцијата треба да го промени вкупниот амбиент во држата – во законодавната, извршната и во судската власт подеднакво. Секоја сепаратна интервенција во која било сфера, каде што извршната власт се јавува како креатор на реформите, остава простор состојбите да не се променат и просторот за корупција и наму да остане недостапен за законот.

Оние од претходната власт се извештија во кршењето на правото, а до каде ќе стигне новата власт, останува да видиме, времето ќе покаже.

За самиот крај, еден преземен твит од Ман, Горан_Ман – треба да снимаме македонска верзија на филмот „The life of Brian“. Ќе се вика „The life of Trajan“ и ќе биде за човек кој цел живот молчел и траел затоа што имало и полошо.

Автор: Воислав Зафировски за НетПрес