Морало…

МОРАЛО… Во функција на премиер, Зоран Заев изјави дека до крајот на неделава м о р а л о да се донесе Законот за јазиците. Во овој ултимативен став се изумуваат неколку суштествени нешта.

(1) Дека е неопходно да се прави разлика помеѓу она што би требало да биде и она што би морало да биде. Во овој свет ништо не мора да биде, бидејќи, во принцип, сѐ може да се избере, односно да се одбегне – освен, да се умре. Додуша, и смртта може да се избере. Некој, на пример, може да одлучи да се самоубие. Меѓутоа, самата смрт – смртта сама по себе – не може да се одбегне. Таа нужно доаѓа по секого, независно кој е и што и да е.

(2) Се изумува дека луѓето, вклучувајќи ги и пратениците, не се копчиња за автоматско притискање, туку дека и тие умеат да размислуваат и да реагираат.

(3) Понатаму, како ќе се оди на гласање, ако претходно не се разгледаат поднесените амандмани? Можеби нивниот број навистина е голем. Меѓутоа, што да се прави кога во Законот за работа на Собранието на РМ прецизно е предвидено:

Ако претседателот на Републиката одлучи да не го потпише указот за прогласување на законот, Собранието повторно го разгледува законот согласно со Деловникот, во рок од 30 дена од денот на донесувањето на законот. По повторното разгледување на законот, амандмани можат да се поднесуваат само во врска со укажувањето на претседателот на Републиката. (Член 38, став 3 и 4)

Дали затоа што некому му се ита, односно му се брза, без каков било пардон ќе се газат законите и Уставот? Но, едно се амбициите, друго се законите и Уставот, бидејќи без нивно почитување не е можна правна држава. Без правна држава се запаѓа во состојба, која претходела на законите и во која, како што сметал Томас Хобс, владела сеопшта борба на секој против секого, бидејќи без нив (законите) човек на човека е волк – додава Хобс. Дали некој од власта, но и од пратениците, тоа го посакува: секој секому да е волк и да владее сеопшта војна на секој против секого?

(4) Тешко е да се претпостави дека пратениците ќе манифестираат толкава послушност (т.е. немоќ) пред газдите, особено што дел од пратениците целосно се свесни како продолжи „легално“ продолжената собраниска седница и како се водеше (меѓутоа, и како се „избра“!) собранискиот спикер.

(5) Уште потешко е да се претпостави дека пратениците ќе манифестираат немоќ и слепило не само заради начинот на кој се конституираше сегашнава власт, туку и заради фактот што голем број на подржувачи на оваа власт, како и нивни лојални новинари, почнуваат да се вртат против власта, која токму досега ја подржуваа. Кој пратеник ќе си дозволи таков луксуз да дојде во судир со Уставот, со законите и со граѓаните, како и со интелектуалците и со медиумиите, кои веќе се чувствуваат загрозени од токму постоечката власт, макар што ја подржуваа токму оваа власт?

Оттука, тоа што ќе се каже, пред да се каже, треба да се одвага. Тоа значи прецизно да се проценат последиците од она што ултимативно се поставува како барање – донесување на Законот! Мора да се прави разлика помеѓу тоа што мора и тоа што треба. Многу работи требаат. Сепак, стварноста е далеку од нив. Од друга страна, многу нешта на стварноста не ѝ требаат, меѓутоа, во името на нечие „мора“, стварноста ќе морала да се сообрази со она што не и’ е потребно. Исто така, нејасно е како со лесна леснотија се преминува преку последиците од одредни одлуки, како што и лесно се заборава барем нешто да се научи од историјата. Историјата се отвара, налик на книга која сака да биде прочитана. Само што некои не сакаат да ја прочитаат. Кога ќе ја прочитаат – ако воопшто ја прочитаатт – се плашам дека ќе биде касно. Затоа, некој секој размисли, пред нешто да одлучи. Особено, што над сите лебдат три црни снегулки: Законот за јазиците, промената на името (со сите последици), како и Договорот за добрососедски односи, кој треба да ја ревидира сета досегашна историја на Македонија и на Македонците. Притоа, треба да се има предвид дека црните снегулки лесно можат да преминат во црни олуи.

Р.Ѕ. Со ова го заокружувам моето присуство на „Фејсбук“. Во основа, што имав да кажам, кажав.

„Фејсбук“ статус на професор Љубомир Цуцуловски

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.