Московиси не сака криза со Италија, но очекува одговори за буџетот

италијанскиот министер за финасии Џовани Триа и еврокомесарот Пјер Московиси

Европската комисија не сака никаква нова криза со Италија околу нејзините планови за буџетот, но очекува одговори на прашањата коишто ја загрижуваат, изјави во понеделникот европскиот комесар за економски и финансиски прашања, Пјер Московиси.

Извор во италијанката влада рекол за Reuters, дека Рим очекува оти Европската комисија ќе побара ревизија на нацртот на италијанскиот буџет за 2019 година, којашто вклучува раст на дефицитот на 2,4 отсто од бруто домашниот производ (БДП) од 1,8 проценти во оваа 2018 година.

„Европската комисија не сака криза меѓу Брисел и Рим“, изјави еврокомесарот Пјер Московиси за радиото France International. Додаде дека тој се залага за „контруктивен дијалог“.

Секоја година Европската комисија ги проценува буџетите на земјите членки, а тие мора да исполнат одредени критериуми, или барем да се стремат кон зацртаните цели. Според европските правила, земјите членки треба да се стремат кон стапка на дефицит од три отсто од БДП, и стапка на долг од 60 отсто БДП. Со 2,3 трилиони евра дефицит, Италија е моментално една од најкревките земји на Европската унија.

Московиси повтори дека италијанскиот структурен дефицит е превисок и дека како земја членка на ЕУ и на еврозоната, Италија мора да почитува одреден број заеднички правила. Рим од своја страна го брани својот буџет велејќи дека планира одреден број социјални реформи како намалувањето на возраста за пензионирање, како и основен приход за најсиромашните.

Вицепремиерот на италијанската влада Луиџи Ди Мајо, изјави во понеделникот дека неговата влада е подготвена да разговара за целите на својот буџет со ЕУ. Италија треба до пладнето во понеделник да испрати писмо до Европската комисија којашто минатиот четврток го предупреди Рим на отстапките без преседан од буџетските правила на еврозоната.

Московиси најави дека Европската комисија ќе одржи состанок во вторник за да го разгледа одговорот, додавајќи дека не може да каже кога ќе биде донесена одлуката. „Кога сте членка на ЕУ, членка на еврозоната, морате да почитувате низа заеднички правила“, додаде еврокомесарот.

Ди Мајо, пак, во разговорот за радиото RTL 102,5, рече дека Италија ќе го испрати писмото до Европската комисија во којашто ги објаснува своите причини за дефицитот од 2,4 отсто, како и дека неговата влада е подготвена „да седне на масата“.

Иако вкупниот дефиците од 2,4 отсто од БДП-то е под горната пропишана граница од 3 отсто во ЕУ, според оој предлог на владата италијанскиот структурен дефицит би растел заедно со вкупниот, што е спротивно, пак, на правилата на ЕУ. Предлогот на италијанскиот буџет за следната година, исто така, ги вознемири и пазарите и поттикна бран критики и апели функционерите на Европската комисија да ги разгледаат предложените цели.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.