Московиси: Нема план Б за Грција

Нема план Б за Грција, изјави денеска еврокомесарот за економски прашања Пјер Московиси.

Тој истакна дека нивната цел е посилна грчка економија во рамките на еврозоната и додаде дека сите работат многу напорно за да се избегне излегување на грција од еврозоната.

– Деноноќно работиме на единствено решение за да и помогнеме на земјата да надмине некои големи предизвици и тешкотии, рече еврокомесарот и изрази надеж дека во наредните неколку дена ќе биде постигнат договор.

Во меѓувреме, како што јави дописникот на МИА од Атина, претставник на еврозоната информира дека претседателот на еврогрупата Јерун Дејселблум ќе присуствува на денешните разговори во Брисел со грчкиот премиер Алексис Ципрас за тоа кои реформи Грција ќе мора да ги спроведе за да добие уште средства од кредиторите.

На состанокот, кој треба да почне вечерва, ќе учествуваат и претставници на Европската комисија, Европската централна банка и Меѓународниот монетарен фонд – институциите кои преговараат со Грција во името на меѓународните кредитори.

На Ципрас ќе му бидат презентирани детали од последниот предлог на кредиторите со кој би требало да се одблокира финансиската помош за Грција со цел земјата да избегне банкрот.

Ципрас во Брисел ќе се сретне и со претседателот на Европската комисија Жан Клод Јункер.

– Ќе одам да му објаснам дека денеска, повеќе од кога било, е неопходно кредиторите и главно политичкото раководство на Европа да покажат реализам, изјави Ципрс пред да замине за Брисел.

– Ни треба единство, мора да избегнеме поделба (на Европа). Сигурен сум дека политичкото раководство на Европа ќе го направи она што треба, нагласи грчкиот премиер.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.