Московскиот патријарх до емисарот на Папата: Треба заедно да работиме на постигнувањето мир

Поглаварот на Руската православна црква, Патријархот московски и на цела Русија Кирил му рекол на специјалниот пратеник на поглаварот на Римокатоличката црква папата Франциск, кардиналот Матео Ѕупи дека двете цркви би требало да соработуваат за да ги спречат „негативните политички случувања и да служат на мирот и правдата“.

За патријархот Кирил на Западот тврдат дека го поддржувал рускиот претседател Владимир Путин да ги испрати трупите во Украина, а папата Француск беше критикувани зашто долги месеци одбиваше директно да ја спомене војната во Украина и да ја осуди Русија.

„Мислам дека денес… Црквите можат со заеднички напори да го спречат негативниот развој на политичките збиднувања и да служат на мирот и правдата. Многу е важно во овоие тешки времиња христијанските заедници на Истокот и на Западот да учествуваат во тој процес на помирување“, му кажал патријархот Кирил на папскиот емисар кардиналот Ѕупи.

На вториот ден од посетата на Москва, кардиналот Ѕупи истакнал дека папата Франциск многу посакувал да го слушне ставот на патријархот Кирил за ситуацијата во Украина.

Ѕупи претходно разговараше со руската комесарка за правата на децата Марија Лвова-Белова за хуманитарните прашања и заштитата на човековите права во контекстот на војната во Украина.

Меѓународниот кривичен суд во Хаг во март издаде налог за апсење на Путин и Лвова-Белова, обвинувајќи ги за воено злосторство за наводно незаконско депортирање деца од Украина.

Москва на тоа одговори со прашањето зошто Хашкиот трибунал не го интересира судбината да илјадници деца од териториите кои се под контрола на украинската војска на кои им се губи секоја трага, а за што има информации дека се криумчарат во странство.

Русија, која следејќи го своевремено примерот на САД како и Украина, го нема ратификувано Римскиот статут (основачкиот документ) на Меѓународниот кривичен суд, и затоа не ја признава јурисдикцијата на судот со седиште во Хаг, тврди дека украинските деца се евакуирани од зоните на воени дејствија и оти без проблеми кога ќе се јават нивните родители, роднини или законски старатели се спојуваат со семејствата и наведува десетици примери кога децата се вратени во Украина. Но истовремено руските власти предупредуваат дека се забележани и случаи на лажно претставување на старателство над тие деца.

Кардиналот Ѕупи претходно во средата разговараше со советникот на рускиот претседател Јуриј Ушаков. Ватикан објави во врска со тоа за позитивни впечатоци од разговорите.

Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, на реовниот дневен брифинг со новинарите во четвртокот оцени дека руското претседателство „силно ги цени напорите и иницијативата на Светата столица да се изнајде мирно решение за украинската криза“.