Москва ќе го истражува новинарот за изјава за убивање украински деца

Челникот на рускиот Истражен комитет, Александар Бастрикин, во понеделникот наложил истрага во врска со изјавата на новинарот Антон Красовски за убивање украински деца кои станале жртви на антируската пропаганда.

Претходно во неделата главната уредничка на руската глобална телевизиска мрежа RT, Маргарита Симонјан, објави дека е прекината соработката со Красовски, кој во емисија на телевизијата во разговор со писателот Сергеј Лукјаненко, изјавил дека требало „да се убиваат украинските деца, кои станале жртви на пропагандата“.

Симонјан изјавата на новинарот ја опиша како „дива и одвратна“ и рече дека каналот ја прекинал веднаш соработката со новинарот. Подоцна самиот Красовски се извини поради своите изјави.

Симонјан изјави дека Красовски го зафатило „привремено лудило“ и дека ја прекинува соработката на RT со него, како и дека никој не би помислил дека таа или други вработени во телевизијата ги делат таквите ставови.

Красовски, имено во емисијата „Антоними“ откако писателот Лукјаненко изјавил дека во детството минато во Украина другите деца му зборувале дека „Украина е окупирана од московјаните“, забележал „требало веднаш да се удават“, „рекол дека московјаните окупирале – веднаш го фрлате во реката со силна струја“, како и дека требало да се „… затворат во колиба и да се запалат“.

Од Истражниот комитет во понеделникот објавија дека на московската канцеларија на истражителот му е наложено да подготви извештај за изјавата во програмата. Се додава дека претходно на социјалните мрежи корисник се обратил до главниот истражител Бастрикин со барање да се истражат изјавите на новинарот Красовски.

„Новинарот во етерот даде низа остри изјави“, се наведува во објавата на Истражниот комитет.

Красовски во понеделникот изјави дека му е жал зашто ја „минал границата“ и додал дека понекогаш се „занесува“.

Украинскиот министер за надворешни работи Дмитро Кулеба ја повика меѓународната заедница да ја забрани Russia Today, иако телевизијата е забранета во западните земји.

Во западните медиуми се наведува дека 47-годишниот Красовски, кој порано беше сметан за либерален новинар, последните години во неколку наврати го привлекол вниманието поради величење на насилството. Во програмата на руски јазик со месеци зборувал со омраза кон Украина, и потсети дека од февруари на списокот на санкционирани Руси на Европската унија. Тој е обвинуван дека го негира и правото на постоење, повикувал на стрелање на Украинците и ги банализирал медиумите.

На почетокот на октомври изјавил на социјалните мрежи дека ги слави ракетните напади врз Украина. „Танцувам во пижама на која пишува ‘Руска армија’“, напишал Красовски тогаш во објавата.