Москва го осуди обидот за атентат на Мадуро, Вашингтон негира вмешаност

Русија, Шпанија, Турција, како и државите од Латинска Америка- Салвадор,  Хондурас, Боливија и Никарагва го осудија обидот за атентат врз Николас Мадуро, претседателот на Венецуела за време на воена парада во Каракас. Нападот бил извршен со два дрона со експлозив, кои биле унишгтени од снајперисти.

Веруваме дека употреба на терористички методи како дел од политичка борба е целосно неприфатливо, очигледно е дека овие акции имаат за цел да ја дестабилизираат состојбата во земјата по неодамнешниот Конгрес на Обединетата социјалистичка партија на Венецуела, која како приоритет ја наведе рехабилитацијата на  економијата во државата, се наведува во соопштението на руското МНР.

Шпанското МНР соопшти дека владата во Мадрид осудува секакво политички мотивирано насилство во Венецуела и порача дека политичката криза може да се реши на мирен демократски начин.

 

Тајното венецуелско движење наречено „Soldados de Franelas“ ја презема одговорноста за обидот за убиство на Мадуро. Се смета дека движењето е формирано во 2014 година и е поврзано со поранешниот венецуелски спеецијалец и актер во акциски филмови, Оскар Перес. Тој во јуни 2017 година предводеше напад со хеликоптер врз владината зграда во Каракас. Перес беше убиен од страна на венецуелските безбедносни сили во јануари годинава.

Веднаш по нападот Мадуро ги обвини Колумбија, како и дијаспората во Флорида, САД, но о колумбиската влада веднап демантираа вмешаност и побараа извинување од Каракас.

Советникот на Доналд Трамп за национална безбедност, Џон Болтон, изјави дека Вашингтон во никаков контекст не е вмешан во инцидентот.

Доколку владата на Венецуела располага со релевантни информации и сака да ги сподели со нас и ако тие навистина упатуваат на евентуална повреда на американското кривично право, ние внимателно ќе ги разгледаме, но во очекување на таквите информации, она на кое навистина треба да се фокусираме е корупцијата и репресијата наметнати од страна на венецуелскиот режим, посочи Болтон.

 

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.