Москва го прошири списокот на претставници на ЕУ на кои им е забранет влез во Русија

Руското Министерство за надворешни работи во петокот, како одговор на последните санкции од Брисел, објави дека значително го прошири списокот на функционери и политичари од Европската унија на кои им е забранет влез во Русија.

Во пресрет на втората годишнина од рускиот напад врз Украина, Советот на ЕУ во петокот го усвои 13-тиот пакет санкции против Москва, со кој се додадени 106 поединци и 88 компании на листата на санкции обвинети дека ѝ помогнале на Москва да набави оружје или вмешаност во наводно киднапирање на украинските деца, што Москва категорично го негира и одговара дека согласно правилата на војување задолжена е да ги евакуира цивилите и особено децата од областите во кои се водат борбени дејствија. Русија објави дека досега неколку стотици деца се предаден во Украина откако ќе се пријават родители и законски старатели, но посочи дека речиси сите од нив се однесени во западните земји.

„ЕУ продолжува со неуспешните обиди да го зголеми притисокот врз Русија преку еднострани рестриктивни мерки. Како одговор на овие непријателски потези, руската страна значително го прошири списокот на претставници на европските институции и земјите-членки на ЕУ на кои им е забранет влез на територијата на нашата земја“, соопшти Министерството.

Списокот вклучува претставници на војската и полицијата, комерцијални организации кои обезбедуваат воена помош за Украина, претставници на европските институции вклучени во прогонот на руските функционери и оние кои ја поддржуваат идејата за конфискација на рускиот државен имот.

Во руската одмаздничка листа се наведени претставници на Советот на Европа, членови на парламентите на земјите членки на ЕУ, членови на Парламентарното собрание на Организацијата за безбедност и соработка во Европа и членови на Парламентарното собрание на Советот на Европа кои систематски прават агресивни изјави против Русија.

ЕУ досега воведе 13 пакети санкции против Русија, кои вкупно опфаќаат повеќе од 2.000 физички и правни лица. Нивниот имот е замрзнат, а на граѓаните и компаниите од ЕУ им е забрането да им ставаат на располагање средства. Поединци дополнително подлежат на забрана за патување, што вклучува влез или транзит на териториите на ЕУ.