Москва го укина карантинот

Жителите на руската престолнина се вратија на вообичаената рутина во вторникот, откако градските власти на Москва ја укинаа карантинската мерка која беше на сила повеќе од два месаца, иако градот сѐ уште дневно бележи над илјада нови случаи на зараза со коронавирусот.

Речиси 13-те милиони жители на Москва и регионот се може повторно да го користат јавниот сообраќај, да патуваат со сопствено возило во градот, и може непречено да излегуваат од своите домови. Сепак, свесни се дека мора да бидат претпазливи и да се придржуваат до прописот додека се надвор постојано да носат заштитна маска.

Московскиот градоначалник Сергеј Собјанин објави во понеделникот ублажување на рестрикциите, и рече дека епидемијата на територијата на градот се повлекува. Истовремено најави дека од вторникот се ублажуваат мерките, додека другите рестрикции ќе бидат укинати подоцна во јуни.

Опозицијата го обвинува Собјанин дека избрзал со укинувањето на мерките за да го овозможи одржувањето на парадата на Црвениот плоштад на 24-ти јуни, која поради епидемијата беше одложена на 9-ти мај, како и одржување на референдумот за измени на рускиот устав.

Собјанин одговори дека одлуката е донесена поради постојаното намалување на бројот на заразените на дневно ниво во изминатите седмици, од одговорното однесување на московјаните, како и поради пуштањето на притисокот врз здравствениот систем на градот.

Здравствените власти објавија во вторникот дека се потврдени 8.595 нови случаи на коронавирусот во Русија во изминатите 24 часа, од кои 1.572 случаи се забележани во Москва, што е најмалиот број уште од 16-ти април.

Досега во Русија се потврдени 485.253 случаи, со што земјата е веднаш зад Бразил и САД, од кои починале 6.142 луѓе а досега оздравеле над 242.000 пациенти.