Москва: Масивниот ракетен напад го прекина снабдувањето на украинската војска на фронтот

Руската војска му нанесе „огромен“ удар на енергетскиот систем на Украина, истовремено попречувајќи го транспортот на оружје и муниција за украинските единици на линијата на фронтот, тврди во петокот во редовниот дневен брифинг руското Министерство за одбрана.

Како што се прецизира во извештајот од Москва кој не може да се провери од независни извори, последниот масивен удар бил изведен со бројни ракети и беспилотни летала што овозможило да бидат „погодени сите целени објекти кои обезбедуваат функционирање на погоните од украинскиот воено-индустриски комплекс и транспортот“. Украинската војска, пак, како и при претходните напади, тврди дека соборила до 80 отсто од истреланите руски проектили и лансирани дронови.

„Како резултат на ударот беше прекинат транспортот на вооружување и муниција во областите на воени дејствија, вклучително и оние испорачани од земјите во НАТО“, се наведува во соопштението на руското министерство.

Се истакнува и дека операциите на руските сили изминатото деноноќие го нарушиле и функционирањето на капацитетите за поправка и одржување на воената техника на украинската војска. Но нема поединости за локациите на таквите погони, ниту за видот на оружјата кои се уништени.

Во извештајот се прецизира дека во областа Сенково, во регионот на Харков на истокот на Украина, била уништена радарска станица на украинскиот ракетен систем „С-300“. Појужно, во близина на местото Шчурово во регионот Доњецк, руските сили уништиле складиште со артилериска муниција за украинските војски на овој дел од фронтот долг околу 1.400 километри.

Руските противвоздушни средства, според истиот извор, собориле украински борбен авион „Су-24“ во близина на Угледар во Доњецк, а биле пресретнати 14 проектили истрелани од ракетните системи за повеќекратно лансирање од украинско производство како и  американските HIMARS на териториите на југоисточните региони Луганск и Доњецк кои се под контрола на силите на проруските сепаратисти. Во истата зона биле соборени и 11 украински беспилотни летала.

Вкупно, во изминатите 24 часа, руската борбена авијација, ракетните единици и артилеријата, погодиле 79 огнени позиции на украинската артилерија, на жива сила и воена техника во 102 области.