Москва најави долга конфронтација со непријателските држави, Киев кажа кога ќе ја започне противофанзивата

Конфронтацијата на Русија со непријателските држави во „хибридната војна“ што против неа ја води Западот ќе продолжи уште долго, пренесуваат во средата агенциите цитирајќи го ставот на Кремљ.

Портпаролот на рускиот претседател Дмитриј Песков на редовниот брифинг за новинарите акредитирани во Кремљ го дал таквото предвидување одговарајќи на прашањето колку ќе трае, како што Москва ја нарекува, „специјалната воена операција“ во Украина.

„Ако ја имате предвид војната во поширокиот контекст, конфронтацијата со непријателските држави, хибридната војна против нашата земја, тогаш таа ќе трае долго време… И тука мораме да бидеме решителни со самодоверба и да се обединиме околу претседател“, одговорил Песков.

Портпаролот на Кремљ во продолжение рекол дека Русија „високо ја цени позицијата“ на Кина во врска со Украина и не смета дека има право да го советува кинескиот претседател Кси Џинпинг дали ќе оствари какви и да се контакти со Киев.

Претходно во средата украинскиот претседател Володомир Зеленски во интервју за агенцијата Associated Press потврди дека го поканил кинескиот челник да ја посети неговата земја. Таква покана беше упатена и минатата седмица кога Кси Џинпинг престојуваше во тридневна државна посета на Москва, а Пекинг досега не се огласи во врска со поканата од Киев.

Истовремено украинскиот министер за одбрана Олексиј Резников изјави дека украинските вооружени сили испланирале противофанзива во повеќе правци и дека тоа може да се случи во периодот април/мај, но дека датумите зависат од временските услови.

Резников рече и кога „Leopard“, донирани од западните поддржувачи на Украина, ќе може да се видат на фронтот. Притоа, не ги коментираше медиумските објави дека некои од веќе испорачаните тие германските тенкови биле употребени во борбите и запленети од руските сили.

„Ќе ги видите во контраофанзивата како што реши нашиот Генералштаб. Таа веќе се планира на неколку фронтови. Зависи од тоа кој е најпогодниот момент“, рече Резников додавајќи дека Украина веќе ги добила тенковите „Leopard“ од Германија, Канада, Португалија и Полска без да спомене за која бројка станува збор.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.