Москва негира дека имало разговори Лавров – Блинкен, двајцата засебно зборуваа за извозот на жито

Рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров и американскиот државен секретар Ентони Блинкен не разговараа на маргините на самитот на земјите од Г20 во Њу Делхи во четвртокот, изјави портпаролката на руското Министерство за надворешни работи, Марија Захарова.

„Блинкен побара контакт со Лавров. На разминување, во текот на втората сесија на Г-20, Сергеј Викторович, му се обрати. Никакви разговори, средби или слично немаше“, појаси Захарова на брифингот одговарајќи на прашање за извештаите на некои медиуми за наводни разговори меѓу шефовите на дипломатиите на Русија и САД.

Како што претходно објави агенцијата Associated Press, повикувајќи се на изводи од американската администрација, кусиот разговор меѓу Блинкен и Лавров наводно траел десетина минути.

Наводно Блинкен притоа истакнал три прашања. Наводно му нагласил на Лавров дека САД ќе продолжат да ја поддржуваат Украина и побарал Москва да ја преиспита својата одлука за суспендирање на членството во договорот СТАРТ-3 и да го ослободи поранешниот американски маринец Пол Вилан осуден во Русија за шпионажа.

Покрај тоа се забележува дека американскиот функционер воопшто не ја коментирал реакцијата на рускиот министер по наводниот разговор.

Во четвртокот утрото во медиумите се појавија информации дека шефовите на дипломатиите на двете земји ќе се сретнат „лице в лице првпат“ по почетокот на руската инвазија во Украина. Но Лавров и Блинкен имаа веќе неколку неформални контакти на мултилатерални настани по февруари 2022 година. Меѓу другото, и лани летото на Бали на самитот на Г20, а во ноември минатата година кога повторно на исиот самит Лавров ја предводеше руската делегација.

 

Лавров и Блинкен во Индија за договорот за житото

Во текот на своето обраќање во Њу Делхи, Лавров во четвртокот го обвини Западот дека „бесрамно ја поткопува“ иницијативата за извозот на жито и други житарки преку Црното Море, а Блинкен ја повика Москва да го обнови овој договор кој истекнува кон крајот на март.

Русија повторно го критикуваше пристапот на земјите од ткн колективен Запад на договорот за житарките договорен ланскиот јули со посредување на Турција и Обединетите нации. Москва истакнува дека повеќе од 80 отсто од украинските житарки кои се извезуваат преку Црното Море не завршуваат според декларациите во сиромашните земји, туку во западните пристаништа, како и дека не ги ублажуваат санкциите против Русија со што го одолговлекуваат и попречуваат извозот на руските земјоделски производи и особено ѓубривата за сиромашните земји. Москва уште минатата есен им порача на земјите во Европа дека товарите со руски продукти блокирани во европските пристаништа бесплатно ги донира на сиромашните земји, во прв ред во Африка и на Блискиот исток.

„Западот бесрамно ја поткопува добропознатата хуманитарна иницијатива на генералниот секретар на Обединетите нации“, изјави Лавров на состанокот на министрите за надворешни работи од земјите на Г20 во Њу Делхи, зборувајќи ја иницијативата за извозот на житарки, пренесува агенцијата РИА.

Сегашната фаза на договорот трае до 18-ти март. Спогодбата ќе биде автоматски продолжена, доколку ниедна од страните не вложи формален приговор.

Руското министерство за надворешни работи во средата предупреди дека нема да се согласи на второ продолжување од договорот, доколку интересите на руските земјоделски производители и компании не бидат земени предвид. Претходно во ноември поради низата украински напади врз руски цели на Крим, Москва на три дена го откажа гарантирањето на безбедносниот коридор за пловидба на бродовите кои ги извезуваа украинските житарки од црноморските пристаништа што предизвика голем скок на цените на храната и загриженост во светот. По инсистирање на ОН и Турција, Русија сепак се реши да го продолжи договорот на уште 120 дена.

Американскиот државен секретар Блинкен во Њу Делхи во четвртокот на состанокот на Г20 побарал од Русија да го обнови договорот, пренесува AFP.

„Од најголема важност е Г30 да се изрази во прилог на продолжувањето и проширувањето на Иницијативата за жито за да ја зголеми прехранбената сигурност на најранливите. Русија намерно и систематски го забави ритамот на инспекциите, создавајќи застој на бродовите кои сега би можеле да ми испорачуваат храна на светот“, рекол Блинкен.

Инаку инспекциите на бродовите кои впловуваат и испловуваат од украинските црноморски пристаништа, според договорот, ги врши Турција а не Русија.

Досега преку оваа иницијатива биле извезени 20 милиони тони украинско жито, единствено за што е заинтересиран Западот и кое завршува на западните пазари, како што тврди Русија.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.