Москва порача дека кандидатурата на Украина за ЕУ е „внатрешна работа на Европа“

Од Кремљ во петокот ја нарекоа „внатрешна работа на Европа“ одлуката на земјите членки на Европската унија на Украина и на Молдавија да им се додели статус на кандидати за рамноправно членство иако двете земји се далеку според нивото на корупција, во прв ред, а што се оправдува со руската офанзива во Украина.

„Тоа е внатрешна работа на Европа“, изјави на редовниот брифинг портпаролот на Кремљ. Дмитриј Песков, истакнувајќи дека за Москва е важно „целиот тој процес да не донесе дополнителни проблеми за Русија …. и на односите на тие земји со Русија“.

Песков истакна дека желбата на Русија е тој процес да не заврши со влошување на односите меѓу Москва и Брисел, кои се сега на толку ниско ниво „што тешко можат дополнително да бидат влошени“.

Во врска со Молдавија, којашто исто така има проблем уште од 1990 година и распадот на СССР со одметната рускојазична покраина Приднестровје, Песков иронизираше дека оваа земја сака „да стане поевропска отколку Европејците сами“.

Русија никогаш не се противи нејзините сосетки да влезат во Европската унија, вклучително и за Украина и пред превратот во 2014 година, но со години ги критикува обидите НАТО да ги апсорбира тие земји. Во декември 2021 година, два месеца пред почетокот на руската воена интервенција во Украина, Москва бараше потпишување договор за безбедносни гаранции со САД и со НАТО дека оваа земја, како и Грузија нема да бидат вклучени во западниот воен сојуз, но Вашингтон и Брисел го одбија договорот.