Можен е прекин на огнот во Јемен

Можен е општ прекин на огнот во граѓанската војна во Јемен што се води со мешање на странски сили, изјави синоќа претставникот  на Обединети нации за Јемен, Мартин Грифитс.

Тој посочи дека во последните 15 денови за 80 проценти е намалено взаемното бомбардирање на спротивставените страни. Грифитс додаде дека првпат од почетокот на војната во Јемен се случувало 48 часа воопшто да нема напади од воздух.

– Можеби тоа е знак дека нешто се менува во Јемен… Ние тоа го нарекуваме деескалација и тоа можеби претставува чекор кон прекин на огнот во Јемен, посочи Грифитс.

Тој го пофали Договорот постигнат на почеток од месецов во Ријад за завршување на судирот помеѓу власта и сепаратистите. Договорот е потпишан од јеменскиот претседател Абед Робо Мансур Хади, кој е во егзил од 2014 годидна, откако шиитските бунтовници Хутите го заземаа главниот град на Јемен, Сана. Според Договорот се предвидува враќање на претседателот Хади, а Хутите да ги расформираат своите сили.

Саудискиот крал Салман во средата изјави дека Договорот би можел да води кон „пошироки мировни преговори“ кои би придонеле за завршување на војната во Јемен.

Саудиска Арабија од 2015 година ја предводи воената коалиција во Јемен против Хутите, кои имаат поддршка од Иран. Граѓанската војна во Јемен е најголема хуманитарна криза денес во светот, во која загинаа десетици илјади луѓе, од кои најголем број цивили.

ОН координираат со повеќе од 250 хуманитарни организации во Јемен за помош на повеќе од 13 милиони луѓе.