Можни судири во Црна Гора ако се усвои законот за имотите на црквите

Опозициските пратеници во црногорскиот парламент предупредија во четвртокот навечер на можно насилство доколку владата не се откаже од спорниот закон на кој се противат речиси сите цркви и религии во Црна Гора, а за кој Српската православна црква (СПЦ) тврди дека е само параван за да можат да бидат грабнати нејзините цркви и манастири во оваа земја.

Додека трае жестоката расправа во парламентот, полицијата го блокираше центарот на Подгорица стравувајќи од масовни собири на граѓаните и силни полициски единици ги обезбедуваат сите важни институции, вклучително и јавната телевизија РТЦГ.

Истовремено, активистите и симпатизерите на црногорската опозиција ги блокираа важните сообраќајни правци на северот, југот и централните делови од земјата.

Во предлог-законот, кој го критикуваа и претставници на муслиманите во Црна Гора, се наведува дека државата ги презема верските објекти и земјишта кои верските заедници ги користат на територијата на земјата, а за кои се тврди дека биле изградени со средства на државата или биле во нејзина сопственост до 1-ви декември 1918 година.

Предлогот, пак, го поддржа Црногорската православна црква, која смета дека со него ќе ѝ бидат вратени имотите за кои тврди дека незаконски ѝ биле препишани на СПЦ. Српската православна црвка во Церна Гора во сопственост има 66 главно средновековни манастири, десетици цркви и други недвижнини.

Лидерот на опозицискиот Демократски фронт, Андрија Мандиќ, ги предупреди пратеницвите на владејачката коалиција дека може да дојде до крвопролевање во земјата и ги повика своите воени соборци да бидат подготвени.

„Јас учествував во војните во 1991 и 1999-та, не бев кукавица, како што не мислеа ниту дека сте вие. Доколку не се повлече законот, тоа ќе биде катастрофа за Црна Гора. Ги повикувам моите воени другари од ’91-та и ’99-та да бидат подготвени. Можете да сметате на она најлошото“, рече Мандиќ обраќајќи му се во парламентот на црногорскиот премиер Душко Марковиќ.

Засега не е јасно дали парламентот ќе гласа во четвртокот за ткн „Закон за слобода на вероисповедта“, откако Демократскиот фронт предложи 270 амандмани, со уште неколку десетици кои ги доставила Црногорско-приморската митрополија на СПЦ. За сите амандмани пред пратениците на пленарната седница треба да се изјасни законодавната комисија на парламентот.

Во текот на расправата којашто започна во 11 часот, демонстрантите се собраа пред храмот на Христовото воскресение и предводени од свештенството на СПЦ тргнаа кон зградата на парламентот, но полицијата ги запре на стотина метри од објектот. Демонстрантите порачаа дека ќе останат таму сѐ додека владата не го повлече спорниот закон од процедура.

Додека пратениците дискутираа се одржа и средба меѓу митрополитот на СПЦ во Црна Гора, Амфилохие, и премиерот Марковиќ кој на пратениците им пренесе дека за митрополијата на СПЦ се спорни само два члена од законот.

„Митрополитот бараше владата да го повлече законот и дека тоа е во интерсот на сите, а како аргументација ја изнесе недовербата во нас и стравот за позицијата на митрополијата. Го разуверував во тоа, искажа подготвеност да водиме дијалог и по гласањето за законот ако ја добие поддршката и тука не се согласивме“, рече Марковиќ.

Пренесувајќи ги поединостите од разговорот на свештениците и демонстрантите во Подгорица, митрополитот Амфилохие рече дека го замоли Марковиќ дискусијата и гласањето за законот да се одложат за деновите по правослевен Божик.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.