Можно е и албански партии да ѝ се приклучат на коалицијата за обнова на Македонија

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски вечерва по средбата со коалициските партнери изјави дека има комуникација и со други политички партии за  приклучување кон коалицијата за обнова, а некои од нив, како што кажа, ги видел вчера во друштво на Зоран Заев. Се разговара, потврди тој, и со албански политички партии, но сѐ уште нема дефинитивен заклучок дали ќе има предизборна или постизборна коалиција со нив.

Во врска со анкетите што излегуваат деновиве за рејтингот на партиите, Мицкоски рече дека ВМРО-ДПМНЕ води со над 100.000 гласа што е многу поразлично од она што тврди Заев, дека СДСМ е во предност.

-Вистината е многу поразлична од она што го кажа Заев вчера. Ние водиме со повеќе од 100.000 гласа, но тоа не е доволно. Ние не се бориме за обична победа на овие избори, туку за победа со поголем легимитет, за да имаме стабилна влада и стабилно мнозинство кое ќе превенира од каков било политички инженеринг, потенцира Мицкоски.

„За сите нас ќе биде предизвик да ги мотивираме граѓаните да излезат на избори во што е можно поголем број“, изјави тој.

„На Македонија ѝ е потребна обнова после овој арамилак што се случува веќе трета година по ред. Ветуваме расчистување со сите криминали кои се провлекуваа во минатото и расчистување на арамилакот што го следи македонското општество. Ветуваме реформи во многу сегменти, враќање на владеењето на правото, бескомпромисна борба и нула толеранција за криминалот и корупцијата, а потоа економски бум и Македонија технолошки тигар на Балканот“, рече Мицкоски пред седиштето на ВМРО-ДПМНЕ.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.