По нешто повеќе од еден месец работа, до крајот на неделава министерот за транспорт и врски, Благој Бочварски, очекува да му биде доставен извештајот за ревизијата на автопатот Кичево – Охрид за кој рокот завршува на 31 декември годинава или за една недела.
Од тоа ќе зависи дали државава ќе го раскине договорот со кинеската „Синохидро“.
Кога ќе се добие целосниот извештај, според Бочварски, целокупната состојба околу изградбата на автопатот ќе биде презентирана на Владата и заеднички ќе се донесе крајната одлука.
„Очекувам во текот на оваа недела да биде доставен извештајот од надзорниот орган и од ФИДИК-експертите до ЈПДП и до Министерството, по што ќе побараме да биде разгледан на седница на Владата. Сите одлуки и идни чекори ќе ги носиме заеднички со Владата. Ќе ја презентираме целата моментна состојба и идните чекори. Пред сѐ, треба да дојдат од експерти кои ќе дадат насоки како да продолжиме со најдобрите решенија со цел овој автопат да биде завршен“, рече Бочварски денес по увидот на градежните работи за браната на реката Отиња во Штип.
Тој смета дека е рано да се размислува за раскинување на договорот и да се размислува за идните чекори, пред да се видат извештајот и препораките од експертите.
Ревизијата на целокупниот проект од проектирање до изведба на патот Кичево – Охрид, кој се гради веќе десет години, почна на почетокот на минатиот месец. Можноста за раскинување на договорот со „Синохидро“, поради тоа што на 31 декември истекува рокот за завршување на проектот, ја најави премиерот Димитар Ковачевски. Тој рече дека е недозволиво еден автопат да се гради 10 години и сѐ уште да не е завршен, па не ја исклучи можноста за завршување на проектот да се ангажира друга компанија.