Мрежата усвитена по студијата којашто аспарагинот го поврзува со ракот

По објавувањето на студијата во ценетото научно списание Nature во којашто се наведува дека аспарагинот (го има во аспарагусот или шпарога) можеби помогнал во ширењето на агресивната форма на ракот на дојката кај лабораториските глувци, интернетот се усвити поради барањата одговори дали треба да се откажеме од еден од најстарите зеленчуци високо ценет од древните цивилизиации кој содржи природна аминокиселина.

Природно е дека по објавувањето на ваква студија да се зголеми интересот за прашањето дали консумирањето на шпарогата може да го зголеми бројот на заболувања од рак на дојката, но вистината е многу посложена.

Во прв ред, студијата е спроведена над лабораториски глувци, но развојот на болестите кај животните и кај луѓето не се совпаѓа секогаш. Натаму, не е потврдено дека апсарагинот може да предизвика рак, дури ни кај глувците. Откриено е дека таа аминокиселина го забрзува ширењето на ракот, но не и дека го предизвикува.

И за научниците коишто го спровеле истражувањето одговорот на прашањето дали луѓето треба да се откажат од консумирањето аспарагус е едноставно – дека се неопходни дополнителни истражувања. Доколку тие истражувања покажат дека аспарагинот има идентичен ефект и кај луѓето, тогаш тоа ќе може да води кон нови начини на лекување на ракот на дојката.

Истражувањето би можело да покаже начини на блокирање на произведувањето на аспарагинот во телото или пациентите би можеле да го ограничат неговото внесувње во секојдневната исхрана.

Аспарагинот е хемиски спој кој природно се наоѓа во телото. Го има во апсарагусот (шпарога), но и во друга храна. Храната богата со протеини, како што е говедското и месото од живина, јајцата, рибата, млечните производи и некои морски плодови, исто така, содржат аспарагин. Го има и во компирот, оревите, зеленчукот, сојата, семките и во целите зрна. Нивоата на апсарагин се ниски во овошјето и зеленчукот, освен во шпарогата. Но засега нема потреба да се менува исхраната, сметаат научниците.

„Засега нема докази дека ограничувањето на некоја храна може да помогне во борбата против ракот, па важно е пациентите да разовараат со лекарот пред да се одлучат за кој и да е начин на промена на исхраната во текот на лекувањето“, вели за британскиот магазин The Mirror Мартин Ледвик од британскиот центар за истражување на ракот.

Некои други истражувања покажаа дека промените во исхраната може да влијаат на растот на ракот. Така, деветгодишната студија завршена во 2017 година покажа дека шеќерот може да влијае врз растот на туморот во клетките на квасецот, но повторно не и во човечките клетки. Сепак, науката се развива, па така истражувањето спроведено врз глувците може да им помогне на научниците при натамошните трудови.

Научниците утврдиле дека кај луѓето, кога клетките на ракот можат апсарагинот полесно да го произведуваат, ракот може побрзо да се шири, но засега не знаат што влијае на неговото производство, ниту го знаат најдобриот начин како да го забават. Кога тоа ќе го утврдат, ќе ја поседуваат тајната за запирање на ширењето на ракот.

Лекот за третирање на леукемијата наречен „Л-аспарагине“, исто така, има потенцијал за забавување на ширењето на ракот на дојката. Кога глувците го добиле овој лек кој го блокира производството на аминокиселина, лекот ја намалил способноста на ракот на дојката да се шири на другите делови од телото на глувците.

„Кога способноста на аспарагинот ќе се намали, гледаме помал ефект на примарниот тумор на дојката, но се намалила способноста од ширење на туморните клетки во другите делови од телото“, вели Грег Хенон од Универзитетот Кембриџ, шефот на тимот што ја изработил студијата објавена во Nature.

Кога ќе се знае повеќе за интеракцијата на хемолековите и апсарагинот, тоа би можело да доведе до добивање успешен коктел за лекување на ракот на дојката. Засега, проучувањето на аспарагинот би можело да донесе терапија, но важно е да се напомене дека тоа не е лек. Кога лекувањето на ракот би било навистина толку едноставно, како што е исклучувањето на некои состојки од ихраната, научниците веројатно веќе би го имале вистинскиот одговор, но решението, за жал, сепак не е толку едноставно.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.