ВМРО-ДПМНЕ: ДУИ и Ахмети не одлучуваат, СДСМ да се охрабри за преодна влада

Откако Централното претседателство на ДУИ вечерва донесе и формална одлука дека се согласува да излезе од владата со цел да се изгласаат уставните измени, од ВМРО-ДПМНЕ велат дека интегративците не одлучуваат, туку социјалдемократите се тие што треба да се охрабрат.

„ДУИ и Али Ахмети не одлучуваат дали ќе ја напуштат владата, СДС треба да се охрабри за подадената рака за преодна влада“, гласи кратката реакција од ВМРО-ДПМНЕ.
Централното претседателство на ДУИ денеска попладне заседаваше и одлучи да прифати да ја напушти владата, но под услов уставните измени да се изгласаат и да стапат на сила пред да се одржи Втората меѓувладина конференција на земјава со ЕУ.

„ДУИ, преку едногласна одлука на Претседателството, го реафирмираше ставот за подготвеноста на партијата веднаш да се постигне договор со кој опозицијата ќе ги поддржи уставните измени кои би влегле во сила пред одржувањето на Втората меѓувладина седница со Европската Унија, а ДУИ ќе поддржи преодна Влада без нејзино учество до наредните избори“, одлучи денеска ДУИ.

Одлуката да поддржат влада во која тие нема да учествуваат, но со услов прво да стапат на сила измените на Уставот, од ДУИ ја соопштија и како став веднаш по лидерската во средата кога вакво барање истакна Христијан Мицкоски. Меѓутоа, покрај ова, Мицкоски упати и барање уставните измени да стапат на сила кога во земјите-членки на ЕУ ќе почне ратификацијата на пристапниот договор на земјава за членство во ЕУ.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.