МРТ ќе утврдува одговорност за коментаторот за кого Стоилов е „играчот со број пет“

Откако коментаторот на ракометните натпревари од Светското првенство Германија-Данска, на вториот програмски сервис на Македонската Радио Телевизија, реши играчот на националната репрезентација Стојанче Стоилов да го ословува како „играчот со број пет“, од раководството на МРТ истакнаа дека ќе се преземат сите законски мерки доколку се утврди прекршување на Етичкиот кодекс.

Соопштението го пренесуваме во целост:

Македонската радио телевизија е јавно претпријатие со единствен систем на управување. Согласно тоа сакаме да ја известиме јавноста дека ќе се преземат сите законски мерки за санкционирање на однесувањето на некои наши вработени доколку се утврди прекршување на Етичкиот кодекс на МРТ, внатрешните правилници и законите во Република Македонија. За среќа, се уште живееме во држава во која МРТ е едно јавно претпријатие кое ги обединува сите програмски сервиси. Напоменуваме дека сите изјави на вработени на МРТ се нивен личен став, а не став на МРТ како јавен сервис. Нагласуваме дека уредниците на програмските сервиси имаат целосна слобода и автономија во уредувачката политика, но таа секако треба да биде согласно законите и етичките и професионални стандарди. Јавноста набргу ќе биде известена за преземените мерки од овој инцидент. Исто така, апелираме да не се злоупотребува името на МРТ бидејќи во овој случај точно е лоцирана индивидуалната одговорност.

Да и посакаме успех на нашата ракометна репрезентација и да се обединиме во нејзините успеси.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.