МТСП: Царовска изнесе еден куп невистини и лаги

179

Од Министерството за труд и социјална политика реагираат на денешната прес конференција на претседателот на Советот за социјална политика на СДСМ, Мила Царовска.

Како ресорно министерство надлежно за областа на работните односи, а во интерес на вистината, потенцираат дека се должни  да ја демантираат  Царовска којашто изнесе еден куп невистини и лаги.

Според нив очигледно е дека Царовска не го познава доволно Законот за пензиското и инвалидското осигурување кој беше донесен уште на 1.8.2012 година и според кој во член 156  стои:

“Управниот одбор има седум члена кои ги именува Владата на Република Македонија за време од четири години. Од вкупниот број на членови, пет члена се именуваат на предлог од:

– еден претставник од Министерството за труд и социјална политика;

– еден претставник  од Министерството за финансии;

– еден претставник предложен од репрезентативниот синдикат член на Економско социјалниот совет;

– еден претставник од  репрезентативно здружение на  работодавачите член на Економско социјалниот совет и

– еден претставник од Сојузот на здруженијата на пензионерите на Македонија”

„Што значи нема ништо спорно, односно репрезентативните синдикати и во овој случај сами го предложија членот на Управниот одбор на Фондот на пензиското и инвалидското осигурување на Македонија  од редот на членовите на ЕСС како што е уредено со закон, и сто така предстваник во УО на ФПИОМ има и од репрезентативно здружение на  работодавачите член на Економско социјалниот совет’, демантираат од МТСП.

Исто така, ја информираат Царовска дека претставници на синдикатите и претставник од  репрезентативно здружение на  работодавачите има и во Управниот одбор на Агенцијата за вработување, во Фондот за здравство, при што чуството на репрезентативните синдикати и организации на работодавачи во управните органи на овие државни институции е уште една потврда за вистинскиот социјален дијалог и за реформите во законските прописи кои се направени токму по барање на синдикатите и работодавачите.

„Исто така, почитувана Царовска ова не е, како што велите Вие ,,награда од власта за поддршката,, туку ова е уште една потврда дека, ние како Влада од една страна и социјалните партнери водиме вистински социјален дијалог, од друга страна, соработуваме и заеднички седнуваме на маса да ги решаваме проблемите на работниците и да дојдеме до заеднички прифатливо решение. Токму Вашата партија беше таа којашто го замре социјалниот дијалог и којашто донесуваше одлуки по своја и само своја волја“, велат од министерството додавајќи дека оваа Влада, пак, знае да го слушне другиот и да понуди решение. Потврда за ова е обновениот социјален дијалог и работата на Економско социјалниот совет, тело без коешто не поминала ниту една измена и нов закон којшто ги засега правата на работниците и работодавачите.

Нагласуваат дека ова значително подобрување на социјалниот дијалог, впрочем беше забележано и во Извештајот на Европската комисија. Синдикатите учествуваа и даваа свои забелешки и мислења за сите досегашни измени на закони како што се измените на Законот за работните односи, Законот за вработување и осигурување во случај на невработеност, Законот за европските работнички совети и др., на кои им  претходеше опсежна анализа која се работеше заедно со социјалните партнери. Преку работата на Економско социјалниот совет, синдикатите директно учествуваат во креирање и имплементација на политиките од економската и социјалната сфера.  На ова тело разгледани се многу законски прописи и стратешки документи, а покрај тоа поддржани се и повеќе иницијативи од страна на синдикатите.

„Заедно со социјалните партнери  подготвени  се стратешки документи во врска со вработувањето во кои се утврдени стратешките цели, како што е Националната стратегија за вработување 2015 година, Националниот акционен план за вработување 2011- 2013 година, Акцискиот план за вработување на младите 2015 година, имплементацијата на активните програми и мерки за вработување и сл“, стои во нивниот демант, од каде се наведува дека токму оваа плодна соработка последниве години дава конретни резултати, па така за прв пат во независна Македонија после 20 години на иницијатива на социјалните партнери,  во почетокот на 2012 година се донесе Законот за минимална плата, односно успеавме да  ја утврдиме минималната плата како законско решение. Ова беше и е голем успех и потврда за реален трипартитен социјален  дијалог во кој покрај синдикатите се вклучени и работодавачите.

Законот започна да се спроведува со исплатата на платите од јануари 2012 година, а висината на минимална плата за 2012 година се утврди на износ од 8.050 денари на месечно ниво. Започнувајќи, пак, од март 2014 година, и завршно со март 2016 година минималната плата ќе се зголеми и ќе изнесува 10 080 денари.

„Не помалку важни се и  измените на Законот во кој се уреди прашањето за утврдување на репрезентативноста, што е еден од предусловите за непречено функционирање на социјалниот дијалог и тоа  како на трипартитниот така и на бипартитниот социјален дијалог, односно обезбедување на ефикасен и функционален социјален дијалог. Имено, ова беше еден од главните предуслов за напредокот за работа  на Економско- социјалниот совет, кој во континуитет разгледува и дава свои мислења и препораки за одделни прашања од економската и социјална сфера.“, заклучуваат од МТСП.

Токму затоа, според нив, тврдења на Царовскиа се поткрепени само од нејзината  желба за замајување на јавноста и изнесување на лаги и невистини и се неосновани и непоткрепени со ниту еден факт.

 

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.