МТСП: Градоначалникот Димитриевски не постапи според своите овластувања во законскиот рок

Ингеренциите за управување со градинките на Општина Куманово се одземени поради непочитување на одредбите од Законот за заштита на децата. Постапката е водена целосно согласно законските прописи и нема никаква основа за преиспитување на одлуката, се наведува во реакцијата од Министерството за труд и социјална политика, во однос на денешната прес-конференцијата на кумановскиот градоначалник Максим Димитриевски.

Градоначалникот Максим Димитриевски не постапи според своите овластувања во рамки на дадениот законски рок и ова е единствената причина за одземање на ингеренциите на општината. Сите други укажувања кои ги изнесува Димитриевски се лажни и апсурдни, стои во реакцијата.

За почнување на постапката за одземање на ингеренциите, Министерството било известено од страна на Управниот одбор на градинката.

Оваа одлука е донесена откако при вршење на надзор на работата беа утврдени недостатоци во спроведувањето на постапката за распишување на оглас за директор на детски градинки. На градоначалникот му беше дадено укажување со утврден рок за отстранување на неправилностите, преку уредно примен допис на 4.01.2019 година. Откако градоначалникот не постапи според даденото укажување, Министерството за труд и социјална политика ги презема ингеренциите за управување со градинките на период од 1 година, согласно членот 201 од Законот за заштита на децата, се вели во соопштението од МТСП.

МТСП информира дека освен на Куманово, ингеренциите по истата основа пред околу еден месец се одзеземни и на Општина Струга. Целта на ваквото постапување е да се овозможи непречено работење на градинките и да се гарантира квалитетна грижа за децата. Постапка за одземање на ингеренциите во двете општини е водена целосно согласно законските прописи и нема никаква основа за преиспитување на овие одлуки. Детската грижа и заштита и понатаму остануваат приоритет во работењето на Министерството за труд и социјална политика.

Градоначалникот на Куманово Максим Димитриевски, на денешната прес-конференција ја повика министерската за труд и социјална политика Мила Царовска да се извино, да го преиспита и да го повлече решението, со кое рече дека Министерството директно се меша во кадровскиот избор на директор во оваа установа.