МТСП врши вонреден надзор во градинката во Ново Лисиче

Одделението за инспекциски надзор на дејноста заштита на децата од Министерството за труд и социјална
политика, во моментот врши вонреден надзор во градинката „Буба Мара“ во Ново Лисиче, соопштуваат од МТСП.

-Надзорот се прави откако родител на дете кое што ја посетува градинката во Министерството испрати писмо во кое што тврди дека негователките несоодветно и дрско се однесуваат со децата. Министерството за труд и социјална политика итно реагираше со цел да го расветли случајот во најкраток можен рок. Доколку се потврди веродостојноста на случката, сите одговорни ќе бидат веднаш санкционирани. МТСП нема да толерира било какво несоодветно однесување со децата во градинките. Во најбрз рок ќе ја известиме јавноста за наодите и следните чекор во однос на овој случај, се наведува во соопштението.

Медиумите денеска информираа за случајот во градинката „Буба Мара“, во главното седиште во Ново Лисиче. Имено, две негователки грубо се однесувале кон деца, и истите биле заворани во шкафче да ги јадат бубачките.

Ова за „Фокус“ го раскажува мајката Маја Ѓеорѓиева, чија три и пол годишна ќерка била запишана во градинката.

-Тоа што се случува во градинката е навистина страшно. Пред извесно време, мојата ќерка била удрена со боичка по главата. Останатите кои биле темпераментни, биле затворани во шкафче, да ги јадат бубачките, раскажува Маја.

Нејзината ќерка три седмици оди во градинка, но како што вели, девојчето е исплашено поради односот на негователките и учителките.

-Во една ситуација, мојата ќерка била тепана од негователките, поради тоа што спуштила креветче и при тоа, устата и ја затвориле за да не се слуша кај што плаче. Минатата среда беше толку истрауматизирана, што во раце ми спиеше, додава Ѓеорѓиева.

Маја испратила и писмо до Министерството за труд и социјална политика и општина Аеродром.

Од градинката испратиле одговор дека се преземаат соодветни дисциплински мерки.