Му го растури ли Пендаровски бизнисот на Груби? Медиумите под контрола на вицепремиерот со оркестриран напад врз шефот на државата

Претседателот на државата, Стево Пендаровски се најде под сериозен напад од медиуми кои важат за блиски до Артан Груби откако попладнево кабинетот на шефот на државата соопшти дека нема да биде потпишан указот за Законот на игри на среќа.

Одредени портали на албански јазик симптоматично почнаа да објавуваат слични текстови во кои се прави обид одлуката на Пендаровски да се поврзе со интересите на приредувачите на игри на среќа.

Она што со умисла се занемарува е дека станува збор за забелешки на Европска комисија за злоупотреба на ЕУ знамето за законски измени кои немаат никаква врска со хармонизација на европското законодавство. Тоа е правниот основ заради кој законските измени се спорни.

Оттука, јавноста со право се прашува на што се должи оваа нервоза? Дали на Артан Груби му гори под нозете затоа што ветил нешто што не може да го исполни? Претставниците на албанската опозиција го обвинуваат Артан Груби дека на сите владини одлуки поврзани со Државна лотарија стои негов потпис особено формирањето на три нови компании за организирање игри на среќа преку интернет.

Претходно во вторникот, претседателот Стево Пендаровски одлучи да не го потпише Указот за прогласување на Законот за изменување и дополнување на Законот за игрите на среќа и за забавните игри, што Собранието го донесе на седницата одржана на 7-ми февруари 2024 година.

Одлуката е донесена, како што појаснија од кабинетот од шефот на државата, врз основа на детална анализа на текстот на Законот и на постапката во којашто овој Закон е донесен, како и по спроведени консултации со Делегацијата на Европската унија во Скопје, како најважен партнер во земјата во процесот на преговорите за придружување.

„Претседателот Пендаровски смета дека измените и дополнувањата на законот се донесени преку несоодветна употреба на забрзаната процедура за усогласување на нашето законодавство со правото на Европската Унија, популарно позната како „процедура со европско знаменце“, во ситуација на отсуство на суштинско ‘аки’ (задолжително право на ЕУ) во областите што ги опфаќа овој Закон и фактот дека Законот не наведува дури ни лимитирано „ЕУ аки“ што може да биде релевантно“, истакнаа од кабинетот на шефот на државата/.

Се додава дека Пендаровски, имајќи ја предвид „важноста за сеопфатно регулирање на оваа област, но и за легитимните и оправдани грижи на граѓаните во однос на можното штетно влијание на игрите на среќа и забавните игри врз младите, особено врз нивниот психолошки развој, го повикува Собранието без одложување одново да почне дебата и постапка за ова прашање, но во редовна законодавна постапка со широка и инклузивна дебата со сите засегнати страни, онака како што ѝ доликува на една зрела парламентарна демократија“.