12.8 C
Skopje
среда, април 17, 2024

Муцунски и шпанскиот амбасадор Гарсија пречекаа студенти од Шпанија и Франција

Денеска во просториите на Општина Аеродром ги пречекавме студентите од Шпанија и Франција кои се дел од програмата за размена на Универзитетот Американ Колеџ – Скопје. На настанот свое обраќање имаа градоначалникот Тимчо Муцунски и шпанскиот амбасадор Н.Е. Хозе Луис Лозано Гарсија, информираат од општина Аеродром.

Градоначалникот Муцунски во рамките на своето обраќање ја престави работата на Општината и ја истакна посетата како одлична можност за промоција на Аеродром.

– Многу сум среќен што денеска сте наши гости и што на овој начин можеме одблиску да ви ја претставиме Општина Аеродром и начинот на кој работи нашата администрација. Локалната политика претставува еден од најголемите предизвици затоа што се соочувате со различни прашања и теми кои директно се однесуваат на жителите. Во вакви предизвикувачки времиња за целиот свет, успеваме да дадеме сè од себе, а она за што ми е најмногу драго е што заедно со мојот тим ги реализиравме сите проекти за создавање на подобри услови за младите, спортот и образованието, изјави градоначалникот Муцунски пред студентите

Шпанскиот амбасадор, Н.Е. Хозе Луис Лозано Гарсија нагласи дека општините во нашите земји имаат заеднички интереси како што се создавање и одржување здрава и чиста животна средина, дигитализација и други теми со кои се соочуваат општините во сите европски држави.

– Ваквите проекти се од огромно значење, особено кога во нив се вклучени млади луѓе, затоа што на тој начин успеваме да ги презентираме нашите култури, традиции и начин на живот. Оваа посета може да се искористи и за создавање нови врски меѓу вашата земја со Шпанија и Франција и поттикнување нови соработки, а вашите тимови можат да работат на проекти со кои ќе аплицираат до фондовите на Европската унија. Сакаме да помогнеме и да соработуваме на повеќе нивоa, порача амбасадорот.

Градоначалникот Муцунски и амбасадорот Гарсија на крајот од посетата, заедно со студентите засадија неколку дрвја пред зградата на Општина Аеродром во знак на пријателство, создавање трајни врски и пријателства меѓу Македонија, Шпанија и Франција.